Вести
Дискусија: Измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител за поефикасна заштита за човековите права и поголема одговорност на институциите, дел од патот кон ЕУ
Измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител треба да обезбедат поефикасна заштита за човековите права и поголема одговорност на институциите, со цел исполнување на Париските и Венецијанските принципи и се дел од пошироките реформи во областа на човекови права, отчетност и владеење на правото во претпристапниот процес кон Европската Унија.
Ова беше истакнато на денешната тематска дискусија во Собранието за измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител, на која учествуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, народниот правобранител Фатон Сељами, амбасадорите на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал и на Европската Унија, Михалис Рокас и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
Измените и дополнувања, според спикерот Гаши, имаат за цел зајакнување и проширување на надлежностите, унапредување на функционирањето и независноста на институцијата, како и гарантирање на целосен интегритет при вршењето на нејзините функции.
Како претседател на Собранието, тој изрази институционална поддршка за Народниот правобранител за подобрување на законската рамка што ќе му овозможи исполнување на мисијата. Клучно прашање за него е до кој степен предложените измени ја усогласуваат институцијата со меѓународни стандарди на независни институции за човекови права.
– Придонесот на институциите, меѓународните партнери, експертите, академската заедница и граѓанското општество е подеднакво важен за да се обезбеди овие законски решенија да бидат применливи, квалитетни и целосно во интерес на граѓаните. Дебатата што се организира денес ни дава можност отворено и професионално да ги разгледаме сите предложени решенија и да оцениме дали тие одговараат на потребите на институцијата- истакна Гаши.
Тој ги наметна прашањата дали предложените измени ќе овозможат целосно остварување на надлежностите на Народниот правобранител, дали ќе овозможат вградување на меѓународните обврски и стандарди за човековите права и нивната заштита, и пред сѐ, дали овој процес ќе не придвижи кон држава во која правото не се штити само како законско начело, туку претставува света вредност, опипливо и загарантирано право за секој граѓанин.
– Кога зборуваме за правата и слободите, важно е да се потсетиме на едно едноставно начело, можеме да ги заштитиме сопствените права и слободи само ако ги заштитиме правата и слободите на другите. Убеден сум дека токму од ова начело произлегува и значењето на Народниот правобранител, затоа што заштитата и почитувањето на правата на секој граѓанин се дел од гаранцијата за правата на сите други граѓани- истакна Гаши.
За народниот правобранител Сељами, силна, независна и ефикасна институција за заштита на правата на граѓаните е показател за демократската зрелост на едно општество. Според него, за тоа да се реализира пред се институцијата мора да располага со соодветни и предвидливи финансиски средства и со доволен број стручни, компетентни и професионални кадри.
– Финансиската независност треба да овозможи непречено планирање и реализација на активностите без ризик од ограничување на институционалната самостојност, додека кадровската независност подразбира можност за соодветно управување со човечките ресурси согласно реалните проблеми и обемот на работата. Само институцијата што располага со потребните финансиски средства и има гарантирана оперативна самостојност може целосно и ефикасно да ја остварува својата уставна и законска улога во заштита на човековите слободи и права, истакна Сељами.
Измените на законската рамка, кои според него, се правени со поддршка на меѓународните институции, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, тимот на Обединетите нации и делегацијата на ЕУ, а земени се предвид и искуствата од досегашната примена на Законот, потребите на граѓаните и европските стандарди. Треба да претставуваат можност тие гаранции да се унапредат и да обезбедат услови независноста на институцијата Народен правобранител да биде реална, функционална и одржлива во пракса.
Независната и ефективна институција Народен правобранител, за амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вал е камен-темелник на демократското владеење и владеењето на правото. Таа служи како суштинска заштита на човековите права и им овозможува на поединците канал преку кој можат да побараат правна заштита и помага јавните органи да останат одговорни за своите постапки. Предложените промени, според Вал, опфаќаат неколку фундаментални аспекти на институционалната ефективност, како обемот на мандатот на институцијата, функционалната и финансиската независност, истражните овластувања, пристапноста и правната основа за специјализираните надзорни функции.
– Затоа што институцијата Народен правобранител која има слаб мандат е нефункционална, потребни се неопходните човечки и финансиски ресурси, како и овластувања за истражување и независност и сето тоа да биде заштитено со закон со цел да може институцијата да носи одлуки. Финансиската независност не е едноставно административно прашање, туку е суштинска за институционалната независност, истакна Вал.
Подеднакво, додаде, се важни и транспарентните именувања коишто се базирани на заслуги и професионален плурализам. Составот на раководниот тим на институцијата треба да поддржува разновидност на експертиза со цел да се зајакне довербата на јавноста во нејзината независност и непристрасност.
Човековите права, човековото достоинство, еднаквоста и владеењето на правото, како што нагласи евроамбасадорот Рокас, се фундаментални вредности на Европската Унија.
– Тоа се принципи коишто се втемелени во спогодби и во законодавството. Тие мора да бидат почитувани од страна на сите и особено во начинот на којшто институциите ги реализираат своите овластувања. Човековите права изискуваат еден навистина тежок процес, она што треба да се постигне и она што треба да се воспостави повторно. Независноста на јавниот правобранител е од критично значење за ова да стане реалност, меѓутоа треба да остане отчетен кон своите граѓани, особено оние коишто припаѓаат на ранливи или маргинализирани групи- рече Рокас.
За Северна Македонија, додаде, јакнењето на институцијата Народен правобранител е исто така важен дел од патешествието кон Европската Унија. Тоа, според него, не е само институционално прашање, туку е дел од пошироките реформи во областа на човекови права, отчетност и владеење на правото и во крајна линија пристапување кон ЕУ.
– Во годишниот извештај Европската комисија континуирано ја истакнува потребата за обезбедување соодветни финансиски и човечки ресурси за институцијата да може да функционира независно и ефективно- истакна Рокас.
И постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија се осврна на фактот дека Народниот правобранител треба да биде финансиски независна институција со соодветни човечки ресурси, но и да обезбеди гаранции и ефективна заштита на човековите права.
– Зајакнувањето на оваа институција е рефлектирана и во препораките на Европската Унија. Обединетите нации обезбедуваат поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на ваквите препораки и поради тоа е развиена силно партнерство помеѓу Парламентот, ОБСЕ, Обединетите нации, ЕУ, сè со цел подобрување на овој процес. Како што Северна Македонија се движи на патот кон пристапување во Европската Унија, ефективните и ефикасни институции ќе стануваат сè поважни и со гордост може да кажеме дека ваквите измени и дополнувања ќе доведат до зајакнување на институцијата и зголемена заштита на правата на сите- истакна Колумбија.
Дискусијата продолжува со тематска сесија: Резиме на клучните предлог-измени на Законот за народниот правобранител со фокус на финансиската независност, плурализам, функционална независност и надлежност, по што ќе следуваат заклучоци.
октомври 22, 2026

