Connect with us

Вести

Сељами: Измените на Законот за Омбудсманот треба да обезбедат поголема финансиска и функционална независност на институцијата

Измените на Законот за народниот правобранител треба да обезбедат поголема финансиска, функционална и организациска независност на институцијата и се предуслов во иднина да аплицира за акредитација со статус А, истакна во изјава за медиумите Народниот правобранител Фатон Сељами по тематската дискусија за измени на Законот за народниот правобранител.

-Овие измени и дополнувања се предуслов во иднина да аплицираме за акредитација за статус А на институцијата Народен правобранител, бидејќи во регионот само Црна Гора и Македонија се со статус Б. Во меѓувреме, според информациите што ги имаме, Црна Гора минатиот месец го донесе новиот Закон за народниот правобранител согласно меѓународните стандарди, така што ние во овој правец веќе заостануваме – рече Сељами.

Според него, клучните предложени измени се насочени, меѓу другото и на допрецизирање на постапката за одобрување на буџетот за институцијата.

-Ако има несогласување меѓу Министерството за финансии и Народниот правобранител во однос на висината на предвидениот буџет, на крај Собранието треба да одлучи кој буџет ќе биде усвоен. Тоа е практика и во регионот за институцијата Народен правобранител – посочи Сељами.

Една од предложените измени, како што рече, е и осамостојување на администрацијата, односно стручната служба на Народниот правобранител, која, наместо согласно Законот за административни службеници, би работела согласно Законот за народниот правобранител и Законот за работни односи.

Како што потенцира тој, предвидена е и можност за формирање Совет за заштита на човековите права во рамки на институцијата, во кој би учествувале претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор. Во законската рамка, според Сељами, треба да бидат вградени и новите мандати што институцијата ги добила со одлуки на Владата.

Говорејќи за финансиската состојба, Сељами рече дека институцијата не може да биде задоволна од сегашниот буџет и дека се соочува со финансиски потешкотии.

-Имаме многу финансиски потешкотии кои, за жал, не беа соодветно адресирани со последниот ребаланс на Буџетот. Се надевам дека со нов ребаланс или со одлука на Владата ќе ни бидат доделени дополнителни финансиски средства, бидејќи моментално имаме проблеми и со исплатата на кириите на институцијата поради недостиг на средства за оваа ставка – нагласи тој.

Во однос на имплеминтирањето на препораките на Народниот правобранител, Сељами информира дека во соработка со Собранието веќе се усвоени мерки поврзани со нив и дека тече шестмесечниот рок во кој Владата треба да го извести Собранието колку и на кој начин ги имплементирала препораките и утврдените мерки од годишниот извештај.

Сељами посочи и дека институцијата има потреба од нови вработувања поради континуираниот одлив на кадар.

-Ние имаме потреба за нови вработувања, бидејќи и оваа година и изминатите години во континуитет има одлив на кадри по разни основи, но за жал, од Министерството за финансии досега негативно ми одговорија на доставените барања – рече Сељами. 

Ad
Ad