Вести
Николоски: Мора да ги развиваме двата паневропски коридора, тие носат економска, но и политичка стабилност
Мора да ги развиваме двата паневропски коридори за да обезбедиме економски напредок на Македонија, но и политичка стабилност за државата во периодот што е пред нас, затоа што во едни вакви комплицирани геополитички случувања ништо не е гарантирано или ништо не е правено еднаш за секогаш, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
На панел дискусијата Николоски рече дека Македонија не излегува на море, но ја има таа среќа низ неа да поминуваат два важни коридори во кои треба да се вложува.
– Регионално, Македонија граничи со Европската Унија и на југ и на исток, околу нас се земји кандидати за членство во ЕУ, така што сме опкружени со Европската Унија и природно е да сакаме да соработуваме. 76 проценти од извозот на Македонија оди кон земји членки на Европската Унија, 46 проценти од увозот доаѓа од земји членки на Европската Унија и природно е да сакаме да ја искористиме поврзаноста. Македонија има уникатна географска положба која што ја нема ни една друга држава во регионот на Југоисточна Европа и тоа е нешто што може и мора да го искористиме. И затоа стратешка политика на Владата е развој на овие два коридори – рече Николоски.
Говорејќи за развојот на коридирите, тој ги потенцираше инвестициите што се реализираат во патната и железничката мрежа.
За Коридорот 10 рече дека со поддршка на ЕУ се работи на модернизација на автопатот и дека во рамки на Планот за раст готови се пет закони за интелигентни транспортни системи коишто покрај Министерството за транспорт, ги работи и Министерството за локална самоуправа и Министерството за внатрешни работи.
– Тука е и реконструкцијата и надградбата на железничкиот коридор каде што треба да добиеме брза пруга за патнички од 160 до 200 км/ч и карго сообраќај од 120 км/ч. Во однос на коридорот 8, работиме и автопат и железница. Автопатски сме понапред, но има уште доста работа. Вчера бев во посета на автопатот Охрид-Кичево, таму одлично напредуваме. Исто така, се гради секцијата од Букојчани до Кичево, од Букојчани до Гостивар, од Гостивар до Тетово. На источната страна, работевме со ЕУ во делот од Страцин до Крива Паланка и обиколница на Крива Паланка, а сега ќе работиме заедно на потегот од Страцин до Куманово, односно до Романовце – посочи Николоски.
Заедно со Светска банка и со Европската Унија се работи на модернизација и проширување на преминот Ќафасан и преминот Деве Баир.
Панел дискусијата е организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје и фондацијата Конрад Аденауер.
октомври 22, 2026


