Скопје
Зајакнување на соработката меѓу Општина Ѓорче Петров и СОС Детско село
Општина Ѓорче Петров и СОС Детско село ја зајакнуваат меѓусебната соработка со цел навремена поддршка на децата, родителите и семејствата, како и превенција и намалување на последиците од семејното и врсничкото насилство.
Во пресрет на новата учебна година, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, оствари работна средба со националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо, и претставници на организацијата, на која беа разгледани конкретни можности за продлабочување на соработката и реализација на заеднички активности на локално ниво.
Посебен акцент беше ставен на Методологијата за јакнење на семејства и Методологијата за позитивно родителство, кои преку стручен и системски пристап овозможуваат рано препознавање на ризиците, превенција и соодветна поддршка на децата и нивните семејства.
На средбата се разговараше и за можностите Општина Ѓорче Петров да даде дополнителна поддршка на програмите и активностите на СОС Детско село, како и за промоција и развој на згрижувањето како важен сегмент во системот за заштита на децата.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека грижата за децата и семејствата е еден од неговите лични и институционални приоритети.
-Како градоначалник, но и како човек и родител, верувам дека заштитата на децата не смее да биде само формална обврска на институциите, туку постојана и лична заложба. Моја цел е ниту едно семејство да не остане само кога му е потребна помош и ниту едно дете да не остане без навремена поддршка, заштита и грижа. Ќе продолжам лично да поддржувам иницијативи кои создаваат посилни семејства и побезбедна средина за нашите најмлади – истакна Стојкоски.
Преку понатамошната соработка, Општина Ѓорче Петров и СОС Детско село ќе работат на координиран пристап на терен, со цел создавање безбедна семејна и училишна средина, јакнење на родителските капацитети и навремена поддршка на семејствата кои се соочуваат со различни предизвици.
Општина Ѓорче Петров останува посветена на креирање локална заедница во која секое дете ќе има услови да расте безбедно, достоинствено и опкружено со грижа и поддршка.
септември 4, 2026
