Connect with us

Економија

Божиновска: Од денеска и Македонија ќе биде дел од Вертикалниот гасен коридор

Од денеска и Македонија ќе биде дел од Вертикалниот гасен коридор, заедно со Грција, Србија, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска пред обраќањето на 6. Метрополитен саем што се одржува во Солун.

Како што рече Божиновска, интензивно се работи на интерконекторот со Грција и на поврзувањето со Србија.

–Денеска ќе учествувам на два значајни настани. Едниот е 6-тиот “Thessaloniki Metropolitan Summit”, а другиот е јубилејниот 10. Енергетски форум на Југоисточна Европа. Ова е многу значајно бидејќи денеска ќе потпишеме и Меморандум за разбирање, што значи дека конечно нема да бидеме изоставени од енергетската мапа и ние ќе бидеме приклучени кон Вертикалниот коридор. Што значи тоа? Досега тоа беше предвидено да биде од Грција преку Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, сè до Молдавија и Украина, а од денеска ние и Република Србија ќе бидеме исто така вклучени во овој енергетски проект. Интензивно работиме на интерконекторот со Грција, секако и со поврзувањето на интерконекторот со Србија, што значи крајот на следната година, ние би требало да сме подготвени за да може низ земјава да има транзит на гас и секако, зголемени количини и да немаме само едно спојување. Тоа значи дека ќе имаме и втора граница каде што ќе може да се снабдуваме со LNG, потенцира министерката.

Според неа, тоа значи дека земјата ќе има алтернативно снабдување.

-Ако досега имавме само едно спојување со Република Бугарија и тие капацитети се долгорочно закупени од Газпром, повеќе од околу 85 проценти, тоа значи дека сега ќе имаме втора можност – да се споиме со Александруполи и Ревитуса, и ние да бидеме исто така центар кој ќе ја снабдува и Југоисточна Европа со гас, порача Божиновска.