Останати спортови
Репрезентативецот Ефремов и следната сезона одбојкар на словенечки Чрнуче
Македонскиот одбојкарски репрезентативец Тоше Ефремов и во следната сезона ќе го носи дресот на словенечки Чрнуче.
Екипата минатата сезона избори пласман во Суперлигата и се потруди да го задржи костурот на тимот, а меѓу оние кои ја продолжија верноста кон клубот е и Ефремов.
„Многу сум среќен што следната сезона ќе имам можност да настапувам во словенечката Суперлига. Благодарен сум на Чрнуче за довербата и за можноста што ми ја дадоа. Минатата сезона клубот ми даде голема шанса да се покажам и да стекнам важно искуство, а сега сум мотивиран да направам уште еден чекор напред“, изјави Ефремов.
За 18-годишниот Ефремов ова ќе биде петта интернационална сезона, а втора во Словенија, откако претходно настапуваше и за српски Раднички Крагуевац и хрватски, Рибола Каштела.
„Горд сум што како млад македонски одбојкар имам можност да ја претставувам Македонија и надвор од нашата земја. Целта ми е да продолжам да работам, да бидам сè подобар и со моите настапи да покажам дека и македонската одбојка има млади играчи кои можат да се натпреваруваат на високо ниво. Верувам дека ме очекува одлична сезона и со нетрпение го очекувам новиот предизвик“, додаде Ефремов, кој во моментов се подготвува со националниот тим за настап на претстојното Европско првенство.

