Connect with us

Фудбал

Топката со која беше постигнат голот „Божја рака“ на аукција

Топката со која аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона го постигна таканаречениот гол „Божја рака“ против Англија во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година ќе биде понудена на аукција од американската аукциска куќа „Херитиџ аукшнс“ од 21 до 23 август.

Почетната понуда е 2,5 милиони долари, а се очекува да достигне продажна цена од 10 милиони долари.

Во 51. минута од четвртфиналниот натпревар одигран на 22 јуни 1986 година во Мексико Сити, Марадона ѝ донесе водство на Аргентина, постигнувајќи гол со рака, а само четири минути подоцна ја удвои предноста со фантастичен слалом од средниот ред до противничкиот гол, поминувајќи четири противнички играчи и голманот.

Една недела подоцна, Аргентина го освои Светското првенство совладувајќи ја во финалето Западна Германија со 3-2.

Топката од натпреварот Аргентина-Англија со децении беше во посед на Тунижанецот Али Бин Насер, кој беше главен судија на четвртфиналето во Мексико Сити и ја задржа топката по натпреварот.

Со независна експертиза подоцна беа потврдени неговите тврдења дека станува збор за оригиналната топка со која Марадона ѝ ја донесе победата над Англија.

Во 2022 година, топката беше продадена на аукција во Лондон за 2,3 милиони евра.