Свет
Украинските напади врз „Вајлдберис“ тешко ја погодуваат руската економија
За само три недели, бизнисот на Василиј Климов, сопственик на пункт за преземање стока во Москва, од успешна мала фирма се претвори во загубар, па тој сега се обидува да го продаде.
Климов раководи со еден од 98.000 пунктови за преземање стока на „Вајлдберис“ (Wildberries) во Русија и соседните земји. Но откако Украина на 18 јули почна речиси секоја ноќ напади со дронови врз магацините на најголемиот руски интернет-трговец, неговото работење нагло падна.
Нападите врз дваесеттина магацини предизвикаа големи пожари, уништија резерви и сериозно ја нарушија логистичката мрежа на компанијата. Анализата на „Ројтерс“ врз основа на сателитски снимки покажува дека се оштетени или уништени најмалку 1,18 милиони квадратни метри магацински простор, односно повеќе од една петтина од капацитетот на компанијата.
Последиците ги чувствува целиот малопродажен сектор, од франшизните партнери како Климов до десетици илјади мали фирми кои ги продаваат своите производи преку „Вајлдберис“.
„Продажбата во последниот месец падна за околу 50 проценти бидејќи испорака речиси и да нема“, изјави Климов. „Целиот изминат месец работевме со загуба.“
Нападите врз магацините ја погодуваат економијата
Во нападите врз магацините загинаа најмалку 13 лица. Украина, која Русија ја нападна во февруари 2022 година, негира дека цели врз цивили и тврди дека со нападите сака да ја зголеми цената на војната за Москва.
Украина го обвинува „Вајлдберис“ дека ги поддржува руските воени напори со продажба на опрема како уреди за ноќно гледање, торбички за муниција и шлемови, што компанијата и Кремљ го отфрлаат.
„Вајлдберис“ и другите платформи за онлајн-трговија заедно посредуваат во прометот на стоки и услуги вредни околу 8,5 проценти од рускиот БДП, па економистите предупредуваат дека нарушувањата би можеле да ја отежнат борбата против инфлацијата и да го забават намалувањето на каматните стапки.
Извор близок до Кремљ за „Ројтерс“ изјави дека на многу мали и средни компании им се заканува бран банкроти и дека штетата би можела да достигне стотици милијарди рубљи.
На продажба за една рубља
Од „Вајлдберис“ наведуваат дека 95 проценти од нарачките се подигнуваат на пунктови како оној на Климов. Бројот на дневни испораки кај него паднал од околу 400 на 150 пакети, а за време на посетата на новинарот на „Ројтерс“ не пристигнала ниту една пратка.
„Немам доволно финансиски резерви за да издржам“, рече Климов, кој го стави бизнисот на продажба. Тој низ шега му го понуди на новинарот на „Ројтерс“ за една рубља.
На онлајн-платформата „Авито“ (Avito) во средата беа огласени повеќе од 3.100 франшизни пунктови за преземање стока на „Вајлдберис“.
Од „Вајлдберис“ тврдат дека на продавачите им одобриле дополнителни попусти, одложување на плаќањата и први исплати на обештетување за изгубените залихи.
август 7, 2026
