Свет
Германски медиуми: Дронот на аеродромот во Лајпциг бил пронајден во близина на авион со муниција за Украина
Еден од авионите на аеродромот во Лајпциг, до кој вчера беше откриен дрон со експлозиви, бил натоварен со муниција за Украина, објавија денеска германските медиуми.
Еден од четирите товарни авиони на аеродромот во Лајпциг, до кои беше пронајден дрон со експлозиви, бил натоварен со муниција што била транспортирана од Франција преку Германија за Украина, објавија неколку германски медиуми, повикувајќи се на доверливи полициски досиеја.
Некои медиуми зборуваат за фактот дека овој авион бил и цел на неуспешен напад.
Аеродромот во Лајпциг, во источна Германија, е еден од најважните сообраќајни јазли за транспорт на оружје во Украина.
Вработен на аеродромот во воениот карго дел завчеравечер пронашол дрон со експлозивна направа.
Германските власти досега не открија детали за можното потекло на уредот, но министерот за внатрешни работи Александар Добриндт алудираше на фактот дека зад инцидентот стои странска воена сила.
„Зборуваме за сценарио за хибриден напад… тоа не е дело на аматери, туку бара високо ниво на техничко знаење“, рече Добриндт синоќа.
Аеродромот во Лајпциг служи и како логистички центар за товарен сообраќај, а тука е и воздушен центар на компанијата Ди-ејч-ел (DHL).
Овој аеродром, како еден од ретките во Германија, има и лиценца за 24-часовен сообраќај.
Аеродромот во Лајпциг веќе беше цел на можен напад еднаш во јули 2024 година, кога беа активирани експлозиви во центарот за претовар на Ди-ејч-ел во пакет што требаше да биде префрлен со авион во Полска.
август 7, 2026
