Свет
Данска го продолжи воениот рок на 11 месеци поради безбедносните предизвици
Данска денеска го продолжи траењето на воената служба од четири на 11 месеци, што е речиси трипати подолго од претходно, во рамките на зајакнувањето на одбранбените капацитети поради војната во Украина.
Околу 1.600 млади Данци вчера ја почнаа воената служба според новата програма, јавија локалните медиуми. Воената служба во Данска е главно доброволна. Младите кои ги исполнуваат условите прво сами се пријавуваат, додека во ретки случаи, кога бројот на доброволци не е доволен, преостанатите регрути се избираат преку лотарија. Оваа година околу 20 отсто од воените обврзници се жени.
Регрутацијата им овозможува на младите луѓе можност да дадат придонес што ги зајакнува и вооружените сили и општеството во целина, изјави началникот на одбраната, Михаел Хилдгард, во соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за одбрана.
„Преку воената служба, на младите им се дава можност да преземат одговорност и да дадат придонес кој не само што ги зајакнува Вооружените сили, туку и целото наше општество“, нагласи тој.
август 4, 2026
