Connect with us

Свет

Новиот претседател на Колумбија вети посилна борба против нарко-картелите и герилските групи

Новоизбраниот претседател на Колумбија, Абелардо де ла Есприела, политичар поддржан од САД, денеска вети дека ќе ја интензивира борбата против герилските групи и нарко-картелите.

Десничарот Де ла Есприела ќе ја преземе претседателската должност на 7 август во градот Кали, по владеењето на Густаво Петро, првиот левичарски претседател на Колумбија – земја која е светски рекордер во производство на кокаин, пренесува „Фигаро“.

Церемонијата на претседателската инаугурација традиционално се одржува во зградата на Конгресот во Богота, но новоизбраниот претседател побара таа да се организира во југозападниот дел на земјата, во регион познат по судирите меѓу бандите за трговија со дрога и припадниците на герилските фракции.

Предизборната кампања во Колумбија ја одбележа политичко насилство, а врз претседателскиот кандидат на десницата и сенатор Мигел Урибе Турбај беше извршен атентат за време на собир во Богота во 2025 година, по што тој им подлегна на повредите.