Хроника
Спасени две девојки кои со СУП-даски се оддалечиле од брегот
Полициски службеници од Езерската полиција при СВР Охрид вчера вечерта успешно извлекле две девојки кои, поради нагло влошување на временските услови, останале заробени на Охридското Езеро и не можеле да се вратат на брегот.
Како што соопшти СВР Охрид, во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ било пријавено дека две лица кои пловеле со СУП-даски на поголема оддалеченост од брегот, спроти автокампот во Охрид, бараат помош.
Полициски службеници веднаш се упатиле кон посочената локација, каде на околу два километри од брегот од брегот ги забележале двете лица како се обидуваат да ја одржат рамнотежата на даските и повикуваат на помош.
Тие веднаш биле безбедно префрлени на полициските пловни објекти, при што било утврдено дека станува збор за Е.С. (19) и И.А. (18), двете од Охрид. Според полицијата, поради силен ветер и големи бранови тие се повеќе се оддалечувале од брегот и не биле во можност самостојно да се вратат.
По интервенцијата, двете девојки безбедно биле пренесени во просториите на Езерската полиција.
Од СВР Охрид и Езерската полиција апелираат до капачите и корисниците на СУП-даски и педалинки да не се оддалечуваат од означените безбедносни зони и доследно да ги почитуваат мерките за безбедност на вода.
јули 30, 2026
