Connect with us

Свет

Талибанскиот лидер ја ограничи употребата на паметни телефони за авганистанските функционери

Талибанскиот лидер на 15 јуни издал упатство со кое се забранува употребата на паметни телефони од страна на авганистанските функционери, вклучително и оние во образовните и здравствените установи – соопшти Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан – УНИМА (UNAMA) во денеска објавениот квартален извештај, јави ДПА.

Во упатството се наведува дека употребата на паметни телефони е казнива со прекин на работниот однос и поведување судска постапка, се додава во извештајот на УНИМА.

Некои талибански оддели го протолкувале упатството како забрана за употреба на паметни телефони во канцелариите, а други го протолкувале како целосна забрана за поседување лични паметни телефони. Паметните телефони на вработените во некои канцеларии биле конфискувани и уништени, се наведува во извештајот.

Сепак, портпаролите на талибанската влада продолжуваат да ги користат социјалните медиуми за да известуваат за дневните активности на нивните соодветни администрации. Нема извештаи за ограничувања за употреба на компјутери, што останува дозволено, пренесува германската агенција.

Исто така, не е јасно дали директивата се однесува на сите авганистански функционери или само на талибанските безбедносни сили. Првично беше објавено дека директивата ја објавил воениот заменик на Врховниот суд.

По извештаите за забраната кон средината на јуни, на социјалните медиуми кружеа видеа на кои се гледаат талибанци како ги кршат своите телефони како дел од кампањата за послушност.

Талибанците се активни на социјалните медиуми, главно на „Икс“, каде што водат она што го опишуваат како „медиумска војна“ против своите противници. Паметните телефони се сметаат за клучно средство за комуникација во Авганистан, потсетува ДПА.