Connect with us

Свет

„Џонсон и Џонсон“ понуди да обесштети илјадници тужители, кои тврдат дека детската пудра предизвикува рак на јајчниците

Американската компанија „Џонсон и Џонсон“ (Johnson & Johnson) понуди да исплати отштета од 5,5 милијарди долари на десетици илјади тужители, кои тврдат дека детската пудра и другите производи со пудра предизвикуваат рак на јајчниците.

Предложената спогодба има цел да стави крај на долготрајната правна битка. Компанијата со седиште во Њу Џерси ги негира обвинувањата дека нејзините производи со пудра се канцерогени и оттогаш ја промени формулата на својата популарна детска пудра.

Потпретседателот за судски спорови во „Џонсон и Џонсон“, Ерик Хас, вчера изјави дека обвинувањата се „неосновани“, но дека компанијата е подготвена да се спогоди за конечно да го реши проблемот.

Со спогодбата треба да бидат опфатени речиси 69.000 случаи. Компанијата ќе понуди до три милијарди долари в година, а дополнителните плаќања не се очекуваат до 2028 година. Предлогот мора да биде прифатен од адвокатските канцеларии, кои претставуваат 95 проценти од тужителите за рак на јајчниците во државните и во федералните судови, за да се финализира договорот.

Тужбите против „Џонсон и Џонсон“ за детската пудра почнаа во 2009 година. Пудрата е природен минерал составен од магнезиум, силициум, кислород и водород. Потрошувачите и нивните семејства тврдат дека производите со пудра на „Џонсон и Џонсон“ предизвикуваат рак поради контаминација со азбест.

Американскиот федерален суд во јули пресуди во корист на компанијата доведувајќи ја во прашање способноста на индивидуалните тужители да докажат дека пудрата е директна причина за нивниот рак на јајчниците.

„Џонсон и Џонсон“ постојано ги негира обвинувањата, а во најнова изјава тврди дека „студиите покажуваат дека пудрата е безбедна, не содржи азбест и не предизвикува рак“.

Компанијата во 2022 година соопшти дека го прекинува производството на спорната детска пудра во целиот свет.