Фудбал
Силекс се засили со двајца фудбалери од БиХ
Освојувачот на македонскиот Куп, Силекс, ги засили денеска своите редови со босанските напаѓачи Нихад Шеро и Есмир Хасукиќ.
Дваесетиседумгодишниот Шеро настапува на крилните позиции во нападот, а во редовите на прволигашот од Кратово доаѓа Челик Зеница.
Неговиот сонародник, 24-годишниот централен напаѓач Хасукиќ во Силекс доаѓа од ГОШК Габела.
Двајцата фудбалери веќе се приклучија на тимот и ги одработуваат подготовките во Охрид, соопшти попладнево Силекс.
Силекс ќе ја отвори новата сезона со настап во 1 квалификациско коло во Конференциската лига во која за противник ќе го има белорускиот клуб Динамо Минск.
Првиот натпревар ќе се игра на неутрален терен во бугарскиот град Стара Загора на 9 јули, а реваншот е по една недела во Скопје.



