Connect with us

Фудбал

Цените на Светското првенство предизвикаа бура реакции: Пивото во Мексико Сити чини речиси колку една дневница

На стадионите домаќини на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, дел од навивачите реагираат бурно поради високите цени на храната и пијалаците, а особено на пивото. Покрај скапите влезници, авионските билети и хотелското сместување, многу посетители на мундијалот дополнително останаа изненадени од цените на самите стадиони.

Во Мајами, порција компирчиња со кавијар се продава за 75 долари, а емпанада (тесто полнето со различни солени или слатки филови) за 40 долари. Хамбургер во Лос Анџелес чини 22 долари, додека такосите во Гвадалахара се продаваат за осум долари.

Сепак, најголем број реакции предизвикаа цените на пивото. Томас Шилер, инженер од Германија кој во Торонто го следеше натпреварот на својата репрезентација, откако платил 16 долари за пиво изјави: „Ова не е фер. Не е во ред. Погрешно е“, додавајќи дека оваа цена е трипати повисока од онаа што ја плаќа во својата татковина.

Од друга страна, дел од навивачите сметаат дека ваквите цени се очекувани за едно големо спортско натпреварување. Даниел Фелдман од Германија, кој се наоѓа во Ванкувер, смета дека цените на храната се горе-долу во ред. Јанин Арбетер од Австрија, додека чекаше за комбинација-оброк од хот-дог, чипс и сок во Мајами по цена од 19,35 долари, изјави дека е задоволна од цената.

Понудата се разликува од град до град бидејќи цените и менијата ги одредува локалниот пазар. Најдрастичниот пример е забележан во Мексико Сити, каде што минималната дневна заработка изнесува 18 долари, а едно пиво на стадионот чини приближно 17 долари.

Спротивно на ова, Атланта остана меѓу најповолните градови домаќини. Таму парче пица се продава за три долари, чизбургер за пет долари, а пивото може да се купи по цена од осум долари.

Ad
Ad