Свет
Нигер ја криминализира хомосексуалноста: Казни до 10 години затвор
Воената хунта што владее во Нигер воведе нов Кривичен законик со кој се криминализира хомосексуалноста, соопшти советник на министерот за правда.
Со ова, Нигер стана уште една африканска држава што различната сексуална ориентација ја прогласува за кривично дело. Претходно годинава сличен закон усвои и Сенегал.
Новите одредби од Кривичниот законик предвидуваат затвор од пет до десет години и парична казна за секој „кој ќе изврши или ќе се обиде да изврши непристојно или неприродно дејство, или практикува лезбејски, геј, бисексуални, трансродови, квир, интерсекс и асексуални (ЛГБТКИА+) дејства“.
Советникот на министерот за правда, Хамиду Жулиен потврди дека новите одредби стапиле во сила вчера.
Досега хомосексуалноста не беше незаконска во Нигер, иако беше силно стигматизирана.
Законите со кои се забранува хомосексуалноста се широко распространети во Африка. Во повеќе од 30 од 54-те држави на континентот сексуалните односи меѓу лица од ист пол се сметаат за кривично дело.
Нигер им се приклучи на земјите како Сенегал, Кенија, Сиера Леоне и Танзанија, каде што казните можат да достигнат 10 или повеќе години затвор. Во Сомалија, Уганда и во Мавританија, таквите дела можат да бидат казнети и со смрт.
јуни 13, 2026

