Свет
Си-ен-ен: Разговорите меѓу САД и Иран се уште се во тек и покрај нападите
Разговорите за постигнување договор меѓу Вашингтон и Иран и натаму се на добар пат по ноќните преговори, објави денеска Си-ен-ен, повикувајќи се на дипломатски извор.
САД и Иран два дена по ред разменуваат воздушни удари, а претседателот Доналд Трамп вети понатамошни напади доколку Техеран не се согласи веднаш на мировен договор.
Три ирански извори и еден европски функционер денеска изјавија за британските медиуми дека се интензивирани напорите за постигнување прелиминарен договор меѓу Иран и САД и покрај нападите што ги започнаа двете страни, додека разговараат за механизам за ослободување на замрзнатите ирански средства.
Изворите велат дека Иран и САД сè уште разменуваат пораки за деталите од меморандумот за разбирање во услови на воен застој меѓу Техеран и Вашингтон.
Ирански извори велат дека е постигнат политички договор, но некои прашања сè уште не се дискутирани детално, вклучително и механизмот за ослободување на десетици милијарди долари ирански приходи од нафта замрзнати во странски банки.
„Техеран сака да му се вратат од шест до 12 милијарди долари од замрзнатите средства, додека Вашингтон сака средствата постепено да се исплаќаат за хуманитарна стока и одбива директно да ги врати средствата на Иран“, изјави еден од иранските извори.
За потребите на сопствениот опстанок, на владејачката гарнитура во Иран не ѝ е потребно сеопфатно решение како приоритет, туку рамковно решение кое може да го врати минималниот простор за „дишење“ на иранската Влада со ослободување на замрзнатите ирански средства и завршување на војната, соопштија ирански извори.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави за „Фокс њуз“ дека разговарал директно со ирански претставници кои го замолиле да ги запре нападите врз земјата, што иранските власти подоцна го негираа.
јуни 12, 2026

