Свет
Папата Лав од Гран Канарија повика на „безбедни и легални маршрути“ за мигрантите
Папата Лав XIV денеска за време на посетата на Канарските Острови повика на „безбедни и легални маршрути“ за мигрантите.
Зборувајќи во пристаништето Аргуинегин, на Гран Канарија, понтифот на околу 1,4 милијарди католици ширум светот рече дека човечкото достоинство го бара тоа.
Не е доволно „да се управува со доаѓањата, да се распределуваат бројките, да се зајакне граничната безбедност или да се оплакуваат смртните случаи откако веќе се случиле“, рече тој, обраќајќи се на шпански јазик, пренесе ДПА.
Канарските Острови со години се жариште на миграцијата од Африка преку Атлантикот до Европа, а феноменот особено се засили во периодот помеѓу 2020 и 2024 година.
Иако бројот на мигранти што пристигнуваат со брод минатата година нагло се намали, во последната година на Канарските Острови пристигнаа речиси 50.000 лица.
Пристаништето Аргуинегин на Гран Канарија, познато и како „Кеј на срамот“, стана симбол на хуманитарната вонредна состојба. Во август 2020 година, речиси 3.000 луѓе беа заглавени таму во несигурни услови, иако областа беше дизајнирана за околу 500 луѓе. Тие спиеја на отворено, а санитарните услови беа ужасни.
Во тоа пристаниште на југот на Гран Канарија, само половина час возење од одморалиштето Маспаломас, папата Лав се сретна со неодамна пристигнати мигранти, како и со претставници на Црквата и хуманитарните организации кои се грижат за нив и ја поддржуваат нивната интеграција во шпанското општество.
Тој ја повика меѓународната заедница да се вклучи во „ефикасна и постојана соработка“ за ова прашање, пренесе ДПА.
Папата рече дека се надева оти гласовите на мигрантите ќе стигнат до оние со одлучувачка одговорност за ова прашање, вклучувајќи ги локалните власти, парламентите, владите и меѓународните организации.
Секој брод што пристигнува, рече Лав, носи не само мигранти, туку и централно прашање за сите: „Каков свет создадовме ако толку многу браќа и сестри мора да ризикуваат смрт за да бараат живот?“
јуни 12, 2026

