Connect with us

Свет

МААЕ: Нуклеарната централа „Запорожје“ по 19. пат без надворешно напојување со електрична енергија

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нуклеарната централа „Запорожје“ по 19. пат од почетокот на војната е целосно без надворешно снабдување со електрична енергија.

Според МААЕ, до прекинот дошло по напад на трафостаница од другата страна на реката Дњепар, при што надвор од системот за електроснабдување е резервната далноводна линија „Феросплавна-1“ од 330 киловолти. Нападот е извршен во време кога во тек се подготвителни активности за поправка на главниот 750-киловолтен далновод „Дњепровска“ што е надвор од употреба од 24 март.

„Работењето со само еден преостанат далновод ја прави централата исклучително ранлива на прекини во електричната мрежа поврзани со конфликтот, случај каков што повторно имаме денеска.“, предупреди МААЕ.

Според Агенцијата, централата во моментов целосно се потпира на дизел-генератори за снабдување со електрична енергија за ладење на шесте исклучени реактори и за одржување на клучните безбедносни системи.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, оцени дека најновиот прекин уште еднаш ја истакнува „екстремната ранливост“ на електроенергетската мрежа и постојаните ризици за нуклеарната безбедност во воени услови.

Нуклеарната централа „Запорожје“ се наоѓа на левиот брег на реката Дњепар, во близина на Енергодар, и од октомври 2022 година е под руска контрола. Производството во реакторските блокови е запрено во септември 2022 година, а од април 2024 сите блокови се во состојба на ладно исклучување.

Ad
Ad