Свет
Трамп го повика Конгресот да го усвои воениот пакет од 350 милијарди долари
Американскиот претседател Доналд Трамп, ги повика републиканците во Конгресот итно да го усвојат предложениот буџетски пакет вреден 350 милијарди долари (Recon 3.0), наведувајќи дека тој план би овозможил значајно зголемување на воените расходи и би вклучил низа мерки кои ги нарече „Закон за спасување на Америка“.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп оцени дека предложениот пакет е клучен за остварување на воениот буџет од 1,5 билиони долари и за модернизација на американските вооружени сили.
„Ова е генерациска инвестиција во нашата војска, дури поголема и од (поранешниот американски) претседател (Роналд) Реган! Recon 3.0 е единствениот пат до полниот воен буџет од 1,5 билиони долари кој им е потребен на нашите воини за да го изградат арсеналот на слободата“, наведе Трамп.
Според него, средствата би биле наменети за развој на системот за противракетна одбрана „Златна купола“, зајакнување на морнарицата, проширување на резервите на муниција, унапредување на програмата за воени дронови, како и за развој на авионите F-47 и бомбардерите B-21. Тој исто така наведе дека пакетот би ја поттикнал американската индустрија и би отворил стотици илјади работни места, со тврдење дека тоа нема да доведе до зголемување на инфлацијата.
Покрај воените расходи, Трамп побара усвојување на законски мерки кои вклучуваат задолжителна идентификација на гласачите со документ со фотографија, доказ за американско државјанство при гласањето и ограничување на гласањето по пошта на одредени категории гласачи, како што се припадниците на војската, лицата со попреченост и граѓаните кои патуваат.
Меѓу предложените мерки се наоѓаат и забраната за учество на трансродови лица родени како мажи во женските спортски категории, како и забраната за медицински процедури за промена на полот кај малолетници.
Трамп ги повика републиканските пратеници да го усвојат пакетот без одложување и компромиси, оценувајќи го како инвестиција од историско значење за безбедноста и иднината на Соединетите Американски Држави.
јуни 11, 2026

