Култура
Академик Попов: Научното творештво на Глигор Јовановски значајно во развојот на светската наука, што е гордост на македонската држава
Глигор Јовановски со своето маркантно научно дело и богатата академска, педагошка и научноистражувачка дејност одигра клучна улога во развојот на Институтот за хемија, а со тоа и на Природно-математичкиот факултет како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на Македонската академија на науките и уметностите. Неговото научно творештво има значење и за развојот на светската наука, со што македонската држава може да се гордее – истакна денеска претседателот на МАНУ, Живко Попов, во својот говор по повод свеченото одбележување на 80-годишниот јубилеј од раѓањето на академик Јовановски.
На настанот беа промовирани „Собрани трудови IV (2015 – 2025)“ на Јовановски, презентирани од проф. д-р Петре Макрески, како и неговата монографија „Македонски природни богатства“, за која говореше проф. д-р Валентин Мирчески, дописен член на МАНУ.
– Голема чест и задоволство ми претставуваат поканата и можноста денес, со ова мое обраќање, да се придружам кон одбележувањето на осумдесетгодишнината од раѓањето на академик Глигор Јовановски – врвен научник и еден од најистакнатите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Водечки професор од подрачјето на природно-математичките науки, еден од главните носители на развојот на хемијата во Македонија и истражувач со врвно меѓународно реноме во областа на структурната хемија – нагласи Попов.
Тој потенцира дека Јовановски со своето творештво оставил длабоки траги не само во полето на хемиската наука како врвен истражувач и научник, туку и преку својата успешна наставна дејност на додипломските и постдипломските студии на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Тој ги воведе предметите Кристалохемија и Методи за испитување цврсти супстанции, а меѓу другото, ги извршуваше и функциите декан и продекан на Природно-математичкиот факултет. Престојувајќи во повеќе наврати на престижни странски универзитети, успева во нашата земја да ги пренесе најсовремените истражувачки технологии во својата област, кои се однесуваат на структурните проучувања на разни хемиски соединенија, пред сè во доменот на рендгенската структурна анализа, вибрационата спектроскопија, нуклеарната магнетна резонанција, теоретските квантно-механички пресметки и други методи – нагласи претседателот на МАНУ.
Истакна дека печатењето и промоцијата на неговите собрани трудови во четири тома, од кои во првите три, објавени по повод неговиот 70-ти роденден, се поместени трудови објавени во периодот од 1974 до 2015 година, а четвртиот том во периодот од 2015 до 2025 е чин што претставува скромен израз на признание и благодарност на МАНУ кон својот истакнат академик, кој својот работен век до ден-денешен го посветил на научните истражувања во областа на структурната хемија.
– Со врвните резултати од неговите многубројни научноистражувачки проекти тој успеа македонската наука да ја издигне на рамниште на светската наука, а себеси да се афирмира како истакнат кристалограф и спектроскопист – комбинација што е ретка не само кај нас туку и во светот. Академик Јовановски е втемелувач на научни области и методи од полето на хемијата, кои претходно не постоеле во Македонија, како што се кристалохемијата и методите за испитување микросветот на цврстите супстанции со дифракција на рендгенски зраци – рече претседателот на МАНУ.
Преку научноистражувачка дејност, спроведена според највисоките академски критериуми, обемна педагошка работа, што опфаќа десетици научни дисциплини, и научно творештво отсликано во стотици научни трудови објавени во светот, академик Јовановски, истакна Попов, даде значаен придонес во развојот на науката во Македонија.
– Во неговиот грандиозен академски опус се вбројуваат авторство и уредништво на десетици монографски публикации, од кои повеќето се резултат на обемна проектна активност во Македонската академија на науките и уметностите и се од особен национален интерес, како што се: „Приоритети на идниот развој на Македонија“, „Quo Vadis Македонија“, „Хемиска терминологија“ и други – рече Попов.
Потсети дека според бројот на објавени трудови, на прво место се истражувањата на сахаринот и неговите соли и деривати, а секако врв на неговите истражувања претставуваат резултатите од дваесетгодишното проучување на структурните, спектроскопските и минералошките карактеристики на деведесетина минерали по потекло од Македонија.
Овие истражувања, додаде Попов, се систематизирани во монографиите Minerals from the Republic of Macedonia, Introduction to Mineralogy и „Алшар – светско природно наследство“, кои претставуваат гордост на македонската наука.
Покрај авторството на универзитетски учебници и учеството во преводи на научна литература, академик Јовановски досега има објавено 236 научни труда во 62 меѓународни списанија во светот, од кои 156 се објавени во списанија со импакт-фактор.
Покрај големиот број успеси на Јовановски, Попов ги спомена и многуте признанија и награди што ги добил, меѓу кои: Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда во 1979 година, државната награда „11 Октомври“ за животно дело во 2025 година, државната награда „Гоце Делчев“ во 2013 година, првата награда на Меѓународната унија за кристалографија во 2006 година, признание и награда од Европската минералошка унија во 2011 година, како и многубројни други признанија и плакети од домашни и странски институции.
– На крајот, би сакал да истакнам дека покрај неговите неоспорни научни квалитети, академик Глигор Јовановски го красат и многубројни човечки доблести: хуманост, подготвеност за соработка со колеги од земјата и странство, искрено пријателство, несебична помош и исклучително чувство за заедништво. По повод неговиот јубилеј, му упатувам искрени честитки и му посакувам добро здравје и уште многу години успешно да чекори по патот што одамна го избрал – патот на науката, хуманоста, академската скромност и достоинство. Му посакувам и во иднина со нови врвни резултати да ја збогатува и задолжува хемиската наука во Македонија и пошироко – нагласи Попов.
Делото „Собрани трудови IV (2015 – 2025)“ го презентира проф. д-р Петре Макрески, кој посочи дека првите три тома од неговите собрани трудови содржат публикации со разна проблематика, но во суштина се засноваат на научните техники што академик Јовановски, како што рече, мајсторски ги владее, како што се рендгенската дифракција, молекулската спектроскопија, термичките методи и други современи аналитички пристапи.
Посети дека во првата монографија биле претставени трудовите од неговите истражувања на сахаринатите, во вториот том трудовите од испитувањата на минералите, а третиот том содржи трудови посветени на други системи што не припаѓаат ниту на групата сахаринати ниту на минерали.
Во четвртиот том, истакна Макрески, кој го опфаќа последниот десетгодишен период, се додадени уште 35 публикации, така што вкупниот број на негови научни трудови достигнува 235.
– Со тоа тој се вбројува меѓу најплодните истражувачи не само во областа на хемијата туку и воопшто во македонската наука. Истовремено, со повеќе од три илјади цитати се наоѓа меѓу најцитираните македонски научници. И во овој четврти том трудовите се подредени според веќе воспоставената концепција. Во првиот дел се поместени трудовите посветени на минералите, во вториот трудовите од областа на сахаринатите, а потоа следуваат публикациите посветени на други системи. Монографијата дополнително е збогатена со прилози што содржат корици од книги и списанија, многубројни рецензии, осврти и мислења за книги, како и повеќе интересни предавања, некои од нив одржани токму од оваа говорница – рече Макрески.
Од вкупно 35 труда во четвртиот том, најголемиот дел, односно 26, се однесува на структурните и на спектроскопските карактеристики на минералите. Особено внимание заслужуваат, како што рече Макрески, седум публикации, кои, покрај научната, имаат и методско-дидактичка вредност и се наменети не само за научната јавност туку и за студентите, кои се иднината на секое општество. Три труда се посветени на сахаринатите и се резултат на долгогодишните истражувања на вештачкиот засладувач сахарин, реализирани во соработка со високо етаблирани светски истражувачки групи надвор од Македонија. Шест труда обработуваат теми од науката за материјалите, а некои од публикациите претставуваат осврти, белешки и пригодни текстови.
– Сепак, заеднички именител на сите трудови се структурните и спектроскопските истражувања на разни системи, дополнети со аналитички техники, како атомска апсорпциска спектрометрија, неутронска активациска анализа, термички методи и, во поново време електрохемиски испитувања овозможени преку соработката со дописниот член на МАНУ, професор Мирчевски – рече Макрески.
Од другите публикации особено впечатливо е предавањето што академик Јовановски го одржал по повод Меѓународната година на кристалографијата, прогласена од Обединетите нации во 2014 година.
– Во тоа предавање тој направи длабока и сеопфатна ретроспектива на развојот на кристалографијата, почнувајќи од нејзините рани почетоци и откритијата на Лауе и Брег, па сè до современите достигнувања во оваа исклучително важна научна дисциплина – истакна, меѓу другото, Макрески.
Настанот привлече голем интерес кај научната и пошироката јавност за што сведочеше исполнетиот амфитеатар на МАНУ. Свеченоста беше заокружена со обраќање на академик Глигор Јовановски, кој се заблагодари за укажаната чест и за долгогодишната поддршка од колегите, соработниците и од институциите со кои соработувал во текот на својата научна кариера.
Глигор Јовановски е роден 1945 година во селото Нистрово, Гостиварско. Дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1969 година, а постдипломските и докторските студии ги завршил во текот на 70-тите години на Свеучилиштето во Загреб, врвна академска институција во тогашните југословенски простори.
Својот работен век како универзитетски професор го поминал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што се пензионирал во 2010 година. Од 2006 година е редовен член на МАНУ, каде што активно работи и твори до денес со импресивен интензитет.
јуни 1, 2026
