Култура
Преку „Џез-стрим фестивал“ Струмица ја обновува џез-културата
Од 4 до 7 јуни во Струмица ќе се одржи првиот „Џез-стрим фестивал“ и со тоа градот станува место каде што џезот ги поврзува точките, а оваа „урбана приказна за една убава импровизирана стварност“ почна уште во 1967 година со формирањето на првиот диксиленд-оркестар, што ја позиционира Струмица како пионер на македонската џез-сцена – беше истакното на денешната прес-конференција.
– Таа традиција низ децениите не згасна, таа се трансформираше, преточувајќи се во виртуозноста на бројни музичари. Тој мост помеѓу традицијата и модерноста, помеѓу минатото што нè обликувало и иднината што ја создаваме, е суштинската причина за постоењето на JAZZ STReam Festival. Овој фестивал не е само збир на концерти – тој е чин на културна ревитализација на нашиот град, рече Трајче Бјадов.
Додаде дека уметничката и идејната концепција, како и програмската визија, е на поетот Никола Маџиров, човекот што го дал и називот „JAZZ STReam“, влевајќи во него слогани кои ќе одѕвонуваат во градот: „Безбеден џез во градот“ и „Safe Strumica Jazz“.
Фестивалот на 4 јуни ќе го отвори Националниот џез оркестар, а наредниот ден е резервиран за „Гоце Стевковски квинтет“. Ќе настапат и Тони Китановски Трио, Алиќ, Ѓошиќ, Ангелов & Јаневски Квартет, па американскиот „TRANSVERSE“, Летечки пекинезери, Hot Jazz Orchestra + Пијан Славеј, а завршната вечер на фестивалот ќе биде заокружена со фузија од класичен џез-звук и специфичниот авторски израз на „Пијан Славеј“.
Настапите ќе се реализираат во НУЦК „Антон Панов“, а предвидена е и богата оф-програма со промоции на книги и музички албуми.
Билетите за сите фестивалски вечери се бесплатни.
јуни 2, 2026
