Connect with us

Култура

Македонскиот КИЦ во Загреб со аудиовизуелно предавање на Тошо Филиповски за историјата на македонската рок-музика и рок-култура

Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вечер организира аудиовизуелно предавање „Историјата на македонската рок-музика и рок-култура“ на истражувачот, хроничар и автор Тошо Филиповски – најзначајниот документарист на македонската рок-сцена – соопштија денеска од таму.

– Вечерта посветена на македонската рок-музика е поддржана од Министерството за култура и туризам, а настанот ќе го отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.

Настанот претставува уште една активност преку која македонскиот КИЦ во Загреб ја афирмира македонската култура во сета своја разновидност претставувајќи ги не само традиционалните културни вредности туку и современите културни текови што оставиле траен белег во националната културна историја. Во тој контекст, рок-музиката е препознаена како значаен сегмент од културната меморија и современото културно наследство на Македонија – се додава во соопштението.

Се истакнува дека Филиповски повеќе од четири децении е посветен на истражувањето, документирањето и архивирањето на македонската рок-музика и рок-култура.

– Автор е на капиталните изданија „Македонска рок-енциклопедија 1963 – 2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок-времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата ГОТРА, како и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“. Покрај авторската дејност, со години работи како новинар, уредник, радиоводител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор оставајќи непроценливо документарно наследство за развојот на македонската рок-сцена – се додава во соопштението.

Според најавата, преку богата аудиовизуелна презентација, проследена со ретки фотографии, архивски видеоматеријали, музички записи и многубројни интересни сведоштва посетителите ќе имаат можност да проследат повеќе од шест децении развој на македонската рок-сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сè до денес.

Во соопштението се нагласува дека по премиерното претставување во Загреб, Филиповски ќе ја продолжи својата турнеја во Хрватска со гостувања во Риека, Пула, Сплит и Дубровник претставувајќи ја богатата историја на македонската рок-музика и рок-култура пред хрватската публика.

Со оваа програма, како што се истакнува, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб продолжува да ја промовира современата македонска култура и да создава нови можности за културен дијалог и соработка меѓу нашата држава и Хрватска.