Connect with us

Општини

Манастирот „Света Марена” во Туминец подготвен за одбележување на патронот

Црковниот одбор на манастирот „Света Марена“ во селото Туминец, Општина Пустец, Албанија, ги поканува сите православни верници да присуствуваат на традиционалната манастирска слава посветена на светата великомаченичка Марена (Марина), која ќе се одржи на 29 и 30 јули.

Во поканата се наведува дека на прославата се добредојдени верници од Мала Преспа, Македонија, Албанија и дијаспората, со цел заеднички молитвено и свечено да го одбележат празникот на заштитничката на манастирот.

Одбележувањето ќе започне утре попладне со вечерна богослужба во 18:30 часот, по што ќе следува богата културно-уметничка програма со македонски народни песни и ора.

Во 21 часот ќе биде организирана заедничка празнична вечера, која годинава ја подготвуваат кумовите Спиро и Благица Михал, Деан Михал со семејството и Марио Вурмо со семејството.

Во четврток одбележувањето продолжува со Света литургија со почеток во 7:30 часот, по што ќе се изврши и осветување на вода. Прославата ќе продолжи со народни песни и ора, а во 12 часот традиционално ќе се „пее лебот на кумот“ и ќе биде избран новиот кум за следната манастирска слава.

Од Црковниот одбор ги повикуваат сите заинтересирани верници да се пријават за кумови на идната слава, нагласувајќи дека тоа може да го направи секој, без оглед на местото на живеење.

Селото Туминец е едно од деветте населени места на Општина Пустец. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 600 жители.

Манастирот „Света Марена“ по кој е препознатливо селото датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на светицата.

Патронот на манастирот е на 30 јули, а традиционално одбележувањето почнува ден порано со присуство на голем број верници од оваа општина, иселеници од областа кои во летниот период доаѓаат во родното место, Округот Корча, но и од соседните земји.