Регион
Запленети 6,2 тони небезбедно месо во периферијата Атика, поширокиот регион на Атина
Во објект за производство и преработка на месо во атинска населба, што работел без соодветна дозвола, и во 20 компании до кои биле дистрибуирани продукти, биле запленети вкупно 6,2 тони несоодветни прехранбени производи од животинско потекло – информираа од периферијата Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Поконкретно, контролата почнала од објектот, каде што било утврдено дека регистрираната компанија веќе ја прекинала работата, во истиот простор работела друга компанија, без потребното одобрение за преработка, производство и дистрибуција на месни производи, а било утврдено и дека не е заведена во регистарот на Агенцијата за контрола на храната.

При инспекцијата во ладилниците биле пронајдени и запленети шест тони и 47 килограми месни производи, кои биле оценети како несоодветни за продажба бидејќи немале законска декларација или имале невалидни ознаки и кодови.
Веднаш потоа бил истражен и патот на дистрибуција на производите и било утврдено дека биле доставени до 20 прехранбени компании.
Новите контроли довеле до дополнителна заплена на 151 килограм производи, со што вкупната количина на запленето месо достигнала до 6,2 тони.

Префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, порача дека „нема никаква толеранција кон оние што неодговорно си играат валкани игри со безбедноста и семејниот буџет на граѓаните“ и посочи дека контролите ќе продолжат и ќе се засилат во текот на целата летна сезона.
– Испраќаме јасна порака во сите насоки дека со јавното здравје во Атика не си играме и за оваа наша позиција не се преговара. Со план, координација и одлучност интервенираме онаму каде што е потребно и го применуваме законот без исклучоци – порача Хардаљас.
Според податоците од периферијата, во изминатиот период биле спроведени 24.136 контроли, со изречени казни од стотици илјади евра и запленети стотици тони несоодветни и опасни производи.
јули 28, 2026
