Свет
Гроси: Ризикот од нуклеарна катастрофа на нивоата од Студената војна
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, предупреди на конференцијата за Договорот за неширење на нуклеарно оружје во Њујорк дека ризикот од нуклеарна катастрофа го достигнал највисокото ниво од Студената војна.
„Важно е денеска да им се обратиме на сите страни кои учествуваат на 11-тата Конференција за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје во Њујорк. Договорот постои повеќе од пет децении и бара поголемо почитување од кој било друг договор во оваа област. Неговите 191 страни ги здружуваат земјите со и без нуклеарно оружје, обединети со споделена одговорност“, наведе тој во објава на социјалната мрежа Икс.
Гроси нагласи дека ова е „многу посебен момент“ поради растечкиот ризик од нуклеарна катастрофа, што се зголеми до нивоата од Студената војна.
„Ризикот од нуклеарна катастрофа се искачи на нивоа какви што не се видени од врвот на Студената војна. Војната се врати во Европа и Блискиот Исток, а мултилатералните рамки што го поддржуваат мирот и безбедноста се под огромен притисок“, се додава во објавата.
Гроси истакна дека денеска „се соочуваме со неизвесна позиција“ во нуклеарната област „со повеќе актери, повеќе ризици и помалку јасност“.
„Спречувањето на ширењето на нуклеарното оружје е наш заеднички интерес, а Договорот е нашиот најмоќен мултилатерален инструмент. Во срцето на тој напор е режимот на заштитни мерки на МААЕ, кој гарантира дека нуклеарниот материјал нема да се пренасочи од мирна во воена употреба преку робустен, фер и непристрасен систем за верификација“, рече тој.
Според него, нуклеарната наука и технологија имаат значајни придобивки за човештвото и треба да бидат подостапни за целиот свет.
„Преку МААЕ, тие придобивки придонесуваат за енергетската и прехранбената безбедност, здравствената заштита и заштитата на животната средина низ целиот свет. Денеска сме тука за една задача, а тоа е да обезбедиме дека Договорот и МААЕ ќе останат силни, не и покрај денешната нестабилност, туку поради неа“, рече Гроси.
Единаесеттата конференција за Договорот за неширење на нуклеарно оружје, што стапи на сила во 1970 година, започна синоќа во Обединетите нации во Њујорк, под претседателство на амбасадорот на Виетнам во ОН, До Хунг Виет.
април 28, 2026

