Connect with us

Свет

Довербата на потрошувачите во рамки на ЕУ на најниско ниво од 2022 година

Довербата на потрошувачите во рамки на Европската Унија и еврозоната опаѓа од почетокот на војната на Блискиот Исток и достигна најниско ниво од декември 2022 година, покажуваат прелиминарни податоци на Европската комисија.

Индексот на доверба на потрошувачите за април паднал за четири поени на минус 19,4, додека во еврозоната е намален за 4,2 поени на минус 20,6. Двата показатели се значително под долгорочниот просек, што укажува на влошени очекувања на домаќинствата низ Европа.

Довербата на потрошувачите е важен индикатор бидејќи директно влијае врз нивното однесување – кога е ниска, граѓаните ги одложуваат купувањата и повеќе штедат, што ја намалува потрошувачката, го забавува работењето на компаниите и негативно влијае врз економскиот раст.

Податоците, засновани на анкети спроведени од 1 до 21 април во сите 27 членки на ЕУ и 21 земја од еврозоната, укажуваат дека потрошувачите стануваат сè повнимателни поради песимистичките очекувања.

Европската економија се соочува со влошени перспективи поради војната на Блискиот Исток, која, според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, може да го намали растот на еврозоната за околу 0,5 процентни поени во наредните две години, а во понеповолно сценарио загубата би достигнала и 1,7 процентни поени од БДП, изјави директорот за Европа во ММФ, Алфред Камер.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1