Свет
Два брода под индиско знаме нападнати додека се обидувале да поминат низ Ормуската теснина
Два брода под индиско знаме што превезувале сурова нафта биле нападнати денеска додека се обидувале да поминат низ Ормуската теснина, потврди индиското Министерство за надворешни работи.
Амбасадорот на Иран во Њу Делхи, Мохамад Фатали бил повикан на состанок со индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри. За време на состанокот, Мисри ја изразил длабоката загриженост на Индија поради пукањето во Ормуската теснина во кое биле вклучени два брода под индиско знаме.
Техеран денеска објави дека ја поништува својата одлука за повторно отворање на теснината, наведувајќи ја континуираната блокада на неговите пристаништа од страна на САД.
Извори од бродската индустрија објавија дека бродовите што се обидувале да поминат низ Ормуската теснина добиле радио порака од иранската морнарица дека не им е дозволено да поминат, а два брода пријавиле дека биле погодени од огнено оружје.
„Инцидентите се случиле во водите меѓу островите Кешм и Ларк. Бродовите се вратија“, велат изворите.
Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (UKMTO) соопшти дека добила извештај за инцидент на 20 наутички милји североисточно од Оман. Капетанот на танкерот изјави дека два мали воени брода на Иранската револуционерна гарда му се приближиле и отвориле оган врз бродот. Танкерот и неговиот екипаж се безбедни.
април 19, 2026

