Connect with us

Свет

Зеленски: Нафтоводот „Дружба“ ќе профункционира до крајот на април

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нафтоводот „Дружба“ ќе биде поправен и повторно ставен во функција до крајот на април.

– Како што ветивме, нафтоводот ќе биде поправен до крајот на април. Не целосно, но доволно за да може да функционира. Нема да бидат обновени сите резервоари бидејќи тоа е долг процес – изјави Зеленски на прес-конференција во Берлин по средбата со германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

Тој изрази уверување дека тоа ќе се совпадне со обврските на земјите од Европската Унија, особено на Унгарија, која блокира дел од одлуките важни за Киев.

Унгарија претходно блокира заем од 90 милијарди евра од ЕУ за Украина, како и усвојување на 20-тиот пакет-санкции и отворање на преговарачките кластери, барајќи обновување на испораките преку „Дружба“.

Украинскиот претседател изјави и дека односите со новата унгарска влада треба да се темелат на прагматизам и меѓусебна почит по изборната победа на десноцентристичката партија Тиса.

Мерц на социјалната мрежа „Икс“ објави фотографија со Зеленски, придружена со пораката: „Силни партнери за силна Европа. Срдечно добредојде во Берлин, претседателе“.

За време на разговорите во Берлин, двете страни дискутирале за европска програма за противракетна одбрана и за сеопфатен билатерален договор за дронови, појасни Зеленски.

Според него, договорот за дронови може да стане најголем од ваков вид во Европа, а тимови од двете земји веќе работат на неговите конкретни детали.

Канцеларот Мерц најави соработка со Украина во областа на дроновите и технологиите за собирање податоци од бојното поле и го повика Киев да продолжи со реформите на патот кон членство во Европската Унија. Тој истакна дека пристапувањето кон ЕУ е стратешки важно, но дека не е остварливо на краток рок. Мерц нагласи и дека нема да има договор меѓу САД и Русија за Украина без учество на Европа. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 3