Connect with us

Свет

Британскиот принц Хари и Меган Маркл пристигнаа во посета на Австралија

Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл вчера пристигнаа во Австралија во четиридневната предвидена посета, посветена на спортски активности, како и на прашањата поврзани со менталното здравје и ветераните. Војводата и војвотката од Сасекс ја почнаа својата посета во Кралската детска болница во Мелбурн, каде што учествуваа во активности во така наречените терапевтски градини на болницата.

– Тоа беше навистина значајна посета за нашиот персонал и за младите луѓе кои се лекуваат, изјави директорот на болницата, д-р Питер Стир.

Хари, облечен во темносино одело и бела кошула, разговараше со децата и се фотографираше со пациентите во болницата, при што еден од рачно изработените знаци за добредојде, го нарече – „прекрасен“… Меган, која носеше темносин фустан од сиднејската дизајнерка Карен Ги, подоцна помогна во послужувањето храна во засолниште за жени-жртви на семејно насилство во градот. Последен пат тие ја посетија Австралија во 2018 година, кога ја објавија првата бременост на Меган – и тоа неколку часа по пристигнувањето во Сиднеј.

Семејството Сасекс се повлече од јавниот живот на британското кралско семејство во 2020 година и се преселија во САД, наведувајќи ја желбата за финансиска независност и „бегството од медиумска контрола“ врз нивниот приватен живот – како причини.

Нивната последна посета привлече внимание во јавноста во Австралија. Ова патување, се наведува, е приватно финансирано, иако тамошните медиуми објавија дека австралиските даночни обврзници ќе покријат дел од трошоците за полициското обезбедување, што доведе до петиција во знак на протест против овој потег, што собра повеќе од 45.000 потписи.

Инаку, двојката утре ќе отпатува во главниот град Канбера заради средба со воените ветерани, па следи Самитот за ментално здравје, повторно – во Мелбурн в четврток и за крај спортскиот настан со едрење и рагби во Сиднеј в петок. За разлика од нивната претходна посета, Сасекси ќе имаат и комерцијални ангажмани за време на нивниот престој во Австралија, а Меган ќе остане во земјата за да води „велнес ретрит“ во луксузен хотел на брегот на Сиднеј за време на викендот. Влезниците за настанот, којшто вклучува јога-вежби и звучна терапија, чинат 2.699 австралиски долари (1.760 евра) по лице.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4