Останати спортови
Олимп победник во женска конкуренција на атлетскиот Куп на Македонија
АК Олимп од Битола, викендот испиша една од најголемите страници во својата понова историја. На Купот на Македонија за сениори и сениорки 2026 одржан во Скопје, Олимп во женска конкуренција го освои првото место со 367 бодови, додека во севкупниот пласман со 831 бод го освои второто место веднаш зад екипата на Куманово.
За успехот на АК Олимп најзаслужни се Ирма Хајдари која триумфираше на 800 метри со резултат 2:25.75, како и на 1500 метри со време 4:55.71, Дарија Крстевска која освои прво место на 5000 метри и на 3000 метри стиплчез, а дополнително освои и две втори места на 800 и 1500 метри.
Во машка конкуренција се истакнаа, Бојан Чаприќ-триумфираше на 1500 метри со време 4:11.71, освои второ место на 800 метри со резултат 1:59.06, а на 400 метри постави нов личен рекорд од 52.84 секунди, што му донесе трето место.
АК Олимп оствари целосна доминација на 1500 метри кај мажите, освојувајќи ги првите четири места преку Бојан Чаприќ, Леонид Вандевски, Димитар Илиев и Григоријан Никовски.
Идентична доминација клубот имаше и на 1500 метри кај жените, каде првите четири позиции ги освоија Ирма Хајдари, Дарија Крстевска, Адријана Поп Арсова и Магдалена Станковска.
На 800 метри кај жените, Олимп повторно ги освои првите четири места преку Ирма Хајдари, Дарија Крстевска, Адријана Поп Арсова и Магдалена Станковска.
На 5000 метри кај жените, Дарија Крстевска и Адријана Поп Арсова ги освоија првите две позиции.
Мешаната штафета 4×400 метри во состав Максим Пауер, Ирма Хајдари, Бојан Чаприќ и Дарија Крстевска го освои второто место и даде значаен придонес во големиот клупски успех.
Клубот овој историски успех му го посвети на проф. Илија Чукалков, кој почина деновиве и кој беше дел од историските успеси на АК „Олимпија“, клубот кој подоцна, во текот на 2000-тите, продолжи да функционира под името АК Олимп, во периодот кога за неговото опстојување се грижеше Демир Даутовски.
мај 18, 2026
