Фудбал
Рајс посакува 200.000 навивачи на Арсенал на финалето во Будимпешта
Фудбалерот од средниот ред на Арсенал, Деклан Рајс, ги повика навивачите на лондонскиот премиерлигаш во масовен број да се соберат во Будимпешта и да му помогнат на својот клуб да ја освои историската прва титула во Лигата на шампионите, јави денеска агенција ДПА.
Иако на Арсенал му се доделени само 16.824 билети од УЕФА за финалето на „Пушкаш Арена“, со капацитет од 67.000 гледачи, Рајс упати апел до навивачите да ја „обојат“ Будимпешта во црвено за финалната пресметка против Баерн Минхен или ПСЖ.
„Ајде, ајде, ќе бидам подготвен. Сакам секој навивач на Арсенал, 200.000 од вас, да дојде. Ајде да се обидеме да го направиме тоа бидејќи ќе ни биде потребна целата поддршка, целата енергија“,“, рече Рајс.
Арсенал по синоќешната победа од 1-0 над Атлетико Мадрид во реваншот од полуфиналето се пласираше во финалето во Лигата на шампиони.
За лондонскиот клуб тоа ќе биде второ финале во елитното европско клупско натпреварување, откако во 2006 загуби од Барселона.
мај 7, 2026

