Connect with us

Општини

Во Битола прво издание на „Вински фестивал“

Општина Битола ја промовира програмата за првото издание на „Вински фестивал“, манифестација која од 7 до 9 мај ќе се одржи на платото од Офицерски дом во овој град.

На прес – конференција во Битола беше соопштено дека фестивалот е нов градски настан што треба да ја дополни културно-забавната понуда на Битола и да создаде уште еден повод за дружење, дегустација и уживање во отворена фестивалска атмосфера.

– Очекувам прекрасни фестивалски денови, се надевам дека и времето ќе не послужи. И со ова Битола на туристичката мапа на Македонија уште еднаш се етаблира како град на културата, отворен град и за посетителите кои што ги очекуваме во голем број со една новина за градот – Винскиот фестивал, посочи градоначалникот Тони Коњановски.

Според директорот на ЈОУ КИЦ Битола, Офицерски дом е простор кој има посебна симболика за Битола.

– За нас е важно тука да ги привлечеме новите настани кои ја зближуваат публиката. Винскиот фестивал Битола носи токму таква енергија, културна, музичка и градска, истакна директорот Михајловски.

Во изјава за медиумите, Пане Темов, претставник на организацијата на Вински фестивал, истакна дека амбицијата е фестивалот да прерасне во препознатливо случување за Битола.

– Сакаме да ја презентираме винската култура во Македонија, бидејќи во светот сме познати како винска земја, мислам дека во Македонија треба да го прошириме овој културен момент. Ова го сметаме како една додадена вредност за културата и туризмот во Битола, изјави Темов.

На сцената пред Офицерски дом ќе настапат повеќе домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов, „Lockdown“, „Оркестар DIVA“, DJ Гоце Саф, „Zdrave Music“, „Љубојна“ и „Паркети“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2