Connect with us

Кошарка

ТФТ со втор пораз од Широки брег ја заврши финалната серија во АБА 2

Кошаркарите на ТФТ Скопје не успеаја да се изборат за трет натпревар во финалната плејоф пресметката против Широки брег во АБА 2 лигата, откако вечерва во драматичен натпревар пред своите гледачи загубија со 86-87 .

Составот на Боро Смилкоски одигра квалитетно во првото полувреме во салата „Лазар Лечиќ“ во кое имаше водство и од највисоки +11 (36-25), а на полувреме замина со предност од 43-35.

Лидерот во македонското првенство ја одржуваше предноста до финишот на третата четвртина кога босанскиот тим при резултат 61-52 влезе во серија поени и на стартот на четвртата четвртина израмни на 61-61.

Натпреварот влезе во неизвесна завршница во која Широки брег имаше водство од 85-80 на 50 секунди до крајот, но ТФТ со поените на Ташовски и Говенс дојде до резултатски пресврт и на седум секунди пред крајот поведе со 86-85.

Сепак, најефикасниот кошаркар на натпреварот Трајс со својот 32 поен повторно му донесе водство на Широки брег, а ТФТ не го искористи последниот напад и го претрпе вториот пораз во финалната серија до две победи.

Говенс со 23, Стенли со 19 и Ташовски со 18 поени беа најефикасни во редовите на ТФТ кој својата втора шанса за пласман во јадранската елита ќе ја има против Борац Чачак во бараж пресметката меѓу претпоследно пласираниот тим во АБА лигата и вицешампионот во АБА 2.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2