Connect with us

Ракомет

Ракометниот Супер куп за Еурофарм Пелистер

Ракометарите на шампионот Еурофарм Пелистер го освоија Супер купот откако вечерва во Кавадарци во натпревар со неизвесна завршница го совладаа Куп победникот Вардар со 28:27.

Први резултатски се одлепија „црвено-црните“ кои по 6:6 во 25.минута поведоа со 13:9 за највисоки + 4. Но, битолчани успеаја до крајот на првиот дел да намалат на 13:12.

Почетокот на вториот дел беше во знакот на шампионот и по само неколку минути Еурофарм Пелистер дојде до водство, кое постепено го зголемуваше и во 52.минута беа највисоките +4 (26:22). Во 57.минута Вардар со серија од 4-0 изедначи на 26:26.

Во 58.минута Виктор Гогов одбрани седмерец, а на спротивната страна со одбрана се истакна Давид Брестовац. По новиот седмерец за битолчани, дојдоа до водство од 27:26 со голот на Дејан Манасков. Јапонецот Харуки Кавада изедначи на 27:27 од седум метри. Усама Хосни постигна гол за победа 28:27 за шампионот на четири секунди до крајот. Воедно тоа беше негов 10.ти гол.

По прегледување на видео снимката судиите Божиновски – Начевски досудија дека стартот на Манасков над Талески бил регуларен.