Connect with us

Свет

ДПА: Раселени Либанци се враќаат дома, но ги пречекуваат урнатини и неизвесност

Продолжувањето на прекинот на огнот меѓу Либан и Израел за уште три недели поттикна дел од раселените жители да почнат да се враќаат на југ, но за многумина враќањето е обележано со разурнувања, неизвесност и тага, пишува германската новинска агенција ДПА.

Во Бејрут, семејства беа забележани како ги пакуваат своите работи и заминуваат кон Тир и Набатије, и покрај широко распространетото уништување и речиси целосното отсуство на основна инфраструктура. Цели населби се во урнатини, а електрична енергија, вода и јавни услуги сè уште во голема мера недостигаат.

За време на конфликтот со либанското движење Хезболах, Израел изврши напади низ поголем дел од Либан, особено на југот, каде што тврди дека воспоставил „безбедносна зона“.

Критичарите ја опишуваат ситуацијата како нелегална окупација и изразуваат загриженост за можни прекршувања на меѓународното право.

Продолжувањето на прекинот на огнот за уште три недели го најави американскиот претседател Доналд Трамп по вчерашните разговори меѓу либански и израелски претставници во Вашингтон.

И покрај тоа, состојбата на теренот останува нестабилна и далеку од решена.

Од почетокот на март во судирите загинаа речиси 2.500 луѓе, а повеќе од 7.700 се повредени, според либанското Министерство за здравство. Околу 1,2 милиони луѓе се раселени – речиси една петтина од населението.

Многумина нема на што да се вратат. – Живеам во јужните предградија на Бејрут. Мојот дом е целосно уништен, не можам да се вратам – изјави за ДПА Ахмад.

– Засега живееме во ова училиште додека не одлучиме што понатаму – додаде тој, опишувајќи го животот во преполн импровизиран прифатен центар.

Кај оние што се обидуваат да се вратат, чувствата се измешани.

– Не знаеме што да очекуваме… но сè е подобро од засолниште – изјави Калил од областа на Тир.

Други зборуваат за огромни загуби.

– Не можеме да бидеме среќни. Земјата е уништена… многу жртви и тажни приказни го обвиваат југот –  рече Фатима, која го загубила својот свршеник во судирите.

Сепак, и покрај разурнувањата, желбата за враќање останува силна.

Морам да се вратам. Таму е нашата земја… и животот што го сакаме – изјави друг повратник.

Во јужен Либан враќањата се ограничени и нерамномерни, додека семејствата се двоумат меѓу тешкотиите на раселувањето и суровата реалност на уништените домови и неизвесниот мир, заклучува ДПА. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3