Вести
Сиљановска-Давкова: Му честитав за победата на Радев, очекувам конструктивен однос
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во телефонски разговор му ја честитала победата на парламентарните избори на поранешниот бугарски претседател, сега лидер на Прогресивна Бугарија, Румен Радев, и притоа потенцирала дека од новата бугарска влада очекува конструктивен однос и разбирање на потребата од проширување.
– Се разбира. Му честитав, му пратив порака. А потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби толкку високо мнозинство, тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарскиот народ, бугарските граѓани, во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма – рече претседателката во изјавата за медиумите денеска во Собранието на маргините на XX конференција на претседатели/спикери на парламенти на Јадранската и Јонската иницијатива.
Сиљановска-Давкова посочи дека мнозинството и стабилноста се и за нас важни затоа што, како што нагласи, „ќе имаме со кого да разговараме“.
– Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Очекувам, се разбира, организирање средба – изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Радев на парламентарните избори во неделата во Бугарија освои апсолутно мнозинство пратеници
април 25, 2026

