Вести
Сиљановска-Давкова со казахстанскиот министер Шакалиев: Потврдени пријателските односи и заедничка заложба за унапредување на економската соработка
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со министерот за трговија и интеграции на Република Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјава, предводејќи делегација од казахстанската деловна заедница.
Од Кабинетот на претседателката соопштија дека на средбата била потврдена добрата динамика на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова посочила дека контактите и средбите на највисоко ниво во изминатиот период значајно придонеле за јакнење на меѓусебната доверба и политичкиот дијалог меѓу двете држави. Како важни настани биле посочени разговорите со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, на Астана форумот и на Самитот КОП 29 во Баку, како и заедничкото учество на Дипломатскиот форум во Анталија.
-Во разговорот беше истакната заедничката заложба за унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија, трговската размена, како и во културата и туризмот. Претседателката го поздрави одржувањето на Вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето на двата важни документи: Договорот за македонско-казахстански бизнис совет и Меморандумот за промоција на трговијата и економската соработка-се наведува во соопштението.
Од казахстанска страна бил изразен особен интерес за инвестиции во слободната економска зона Бунарџик, поради можностите за полесен пристап до европскиот пазар.
Сиљановска-Давкова и Шакалиев ја реафирмирале и заедничката заложба на малите и средни држави за зајакнување на мултилатерализмот, нагласувајќи ја потребата од посилна улога на Обединетите нации во современиот меѓународен поредок.
април 21, 2026

