Фудбал
Аналитичари: Фудбалерите се повеќе купуваат нисколигаши поради заработка и престиж
Најплатените фудбалери во светот сè повеќе купуваат помали фудбалски клубови со цел да го искористат нивниот раст или, пак, на тој начин да отворат други деловни можности во тие средини, оценуваат аналитичарите.
Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси (38) претходно оваа седмица го купи каталонскиот петтолигаш Корнеља. Неколку недели претходно, 41-годишниот Португалец Кристијано Роналдо купи 25 проценти од акциите во шпанскиот второлигаш Алмерија преку неговата компанија CR7 Sports.
Роналдо, кој игра во Саудиска Арабија, рече дека Алмерија има „потенцијал за раст“, а клубот објави дека влегувањето во сопственичката структура на еден од најпознатите фудбалери ќе му биде од голема помош.
Хрватскиот капитен и играч на Милан, Лука Модриќ, пред една година купи удел во Свонси, кој се натпреварува во втората англиска лига.
Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, купи 80 проценти од акциите во францускиот клуб од втора лига, Кан, во 2024 година. Пике, поранешен дефанзивец на Барселона, го купи тимот од пониска лига, Андора, во 2018 година.
„Причините за инвестирање не се исти. Играчи како Роналдо или Жерар Пике покажаа јасна деловна ориентација и бараат економска добивка. Претпоставувам дека Мбапе, исто така, очекува да оствари профит“, изјави претседателот на Здружението за спортска економија на Шпанија, Анхел Антонио Барахас Алонсо, за шпанскиот весник „АС“.
„За да се подготват за животот по професионалниот фудбал, играчите порано купуваа кафулиња или ресторани. Денес, оние со многу акумулирани пари стануваат инвеститори“, изјави економистот специјализиран за спорт, Жан-Паскал Гијант, за весникот „Монд“.
април 19, 2026

