Култура
Филмот „17“ со нови меѓународни фестивалски проекции во април
По светската премиера на овогодинешното Берлинале, долгометражниот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ го продолжува својот фестивалски живот со учество на три меѓународни филмски фестивали во првата половина на април.
На 8 април филмот ќе има премиерни проекции на 50. Интернационален филмски фестивал во Хонг Конг (Hong Kong International Film Festival) и на 44. Интернационален филмски фестивал на Уругвај (Festival Cinematográfico Internacional del Uruguay), додека за 13 април е закажана неговата прва проекција на 39. Филмски фестивал во Болцано, Италија (Bolzano Film Festival Bozen).
Интернационалниот филмски фестивал во Хонг Конг, основан во 1976 година, е најстариот меѓународен филмски фестивал во Азија и важи за пионер во претставувањето на хонгконшката, кинескојазичната и азиската кинематографија и автори. Со програма од над 200 наслови од повеќе од 50 земји, што се прикажуваат на десет главни локации, фестивалот се вбројува меѓу најзначајните културни настани со меѓународен карактер во Хонг Конг. „17“ е вклучен во главната натпреварувачка програма „Младо кино – светски филм“ (Young Cinema Competition – World), чија цел е да ги охрабри младите автори да ги истражуваат потенцијалите на филмот на нашето време.
Интернационалниот филмски фестивал на Уругвај, во организација на Уругвајската кинотека, е најзначајниот филмски настан во земјата, со цел да создава траен интерес за филмот преку прикажување дела со вреден придонес во уметничките форми и да поттикнува активно и аналитичко гледање филмови. Фестивалот го селектираше „17“ во натпреварувачката програма „Нови режисери“ (New Directors Competition).
Филмскиот фестивал во Болцано/Бозен претставува избор на нестереотипни дела од меѓународната кинематографија, со фокус на приказни за малцинствата, без разлика дали станува збор за јазични, политички или социјални теми. „17“ е селектиран во главната натпреварувачка програма (Competition BFFB39), составена од 12 филма од најновата продукција со моќен и уникатен уметнички профил.
Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Жаклина Стефковска Дрнасин, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Александра Пешевска и Симеон Дамевски.
„17“ е копродукција на „Црна мачка продукција“ со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, SEE Cinema Network и CineLink Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.
април 3, 2026

