Connect with us

Општини

Новата штипска обиколница изградена над 50 отсто, можност за урбанистички развој на градот

Продолжува изградбата на новата обиколница од населбите Железничка и Пребег кон бањата Кежовица и индустриската зона и викенд населбата Плуждино во Штип. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека над 50 отсто од обиколницата е завршена, а дел од неа е веќе и асфалтирана.

Тој истакна дека во наредниот период се очекува целосно завршување на активностите, со што Штип добива можност дополнително да се развива. Во овој дел од градот ќе има можност за изградба на нови станбени и деловни единици, урбанизација на потегот и проширување на градот.

– Со асфалтирањето на еден дел од трасата значително ќе се реализира предвидениот проект. Повеќе од 50 отсто се реализирани активностите поврзани со обиколницата, која има за цел да ја подобри состојбата со сообраќајниот метеж во Штип, да овозможи иден урбанистички развој, нови населби и проширување на веќе постоечките населби. Станува збор за еден предел кој никогаш досега не бил урбанизиран, а согласно Деталниот урбанистички план (ДУП) ова е одлична можност Штип да продолжи да се развива-изјави Јорданов. 

Штипскиот градоначалник рече дека е завршена и тендерската постапка за изградба на нов мост на реката Брегалница, кој треба да ги поврзува овие населби. Се очекува во наредните месеци да започне изградбата на нов челичен мост кој ќе го растовари сообраќајниот метеж во градот. 

– Очекуваме во наредните месеци да започне изградбата на нов челичен мост на реката Брегалница, ист таков како кај булеварот „Партизанска“, а  ќе биде во месноста Плуждино и ќе овозможи функционалност на обиколницата. Проектот е во вредност од над два милиона евра-рече Јорданов. 

Обиколницата се гради со средства од унгарскиот заем. Јорданов додаде дека според најавите на економскиот оператор новиот мост на реката Брегалница треба да се постави во август, а изградбата на новата обиколница да заврши оваа есен. Активностите на терен на повеќе локации во Штип започнаа со подобрување на временските услови, со што се означи и почетокот на новата градежна сезона.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1