Connect with us

Вести

ССМ на протест, побараа од работодавачите зголемување на платите

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ја реализира втората од најавените три блокади барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 6.000 денари. Пред Стопанската комора беше испратена порака до работодавачите да се согласат да ги зголемат минималната плата и сите други плати и да ја задолжат Владата да ги субвенционира придонесите.

Од ССМ изјавија дека понудата е на маса и доколку не наидат на разбирање, ќе организираат уште еден протест и генерален штрајк.

– Тука сме кај газдите, кај истите оние што избркаа цели наши семејства во странство, кај газдите што одбиваат да ја зголемат минималната плата и кои одбиваат да ги зголемат другите плати. Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор – рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Трендафилов повтори дека и денеска, како и во вторникот пред македонското Собрание, одлучиле да бидат по 21 човек, а не повеќе.

– Намерата по 21 човек на улица е само почитување на Законот за јавните собири. Да немаше ограничување од најмалку 20 луѓе на улица, денеска ќе стоев тука сам, за да не снимаат, за да не фотографираат ниеден работник. Сите притисоци што се обидуваат да ги направат нема да нѐ откажат – рече Трендафилов.

Присутните побараа од работодавачите да се откажат од дел од сопствениот профит за да им овозможат на работниците достоинствен живот со зголемување на платите. 

– Доколку не се охрабрат и газдите дел од колачот да им го дадат на вработените, кои им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме принудени секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади, со шатори и секој ден да ги потсетуваме дека повеќе за овие плати нема да работиме. Условите за работа, платите во приватниот сектор, се повеќе од мизерни, повеќе личат на социјална помош отколку на плата достоинствена за живот. Секое седнување на маса со претставниците од приватниот сектор, кои се претставуваат како големи газди и работодавачи, не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работничките права и плати, туку, напротив, се обидуваат да го скратат сето она што синдикатот го обезбедил во минатото како единствен репрезентативен синдикат при Сојузот на синдикатите на Македонија во приватниот сектор – рече Иван Пешевски.

Третата фаза од блокадите е Владата, која ќе биде блокирана во вторник кога Владата одржува седница. Доколку ваквите активности на синдикатот не резултираат со позитивен исход, најавен е уште еден протест, кој ќе биде организиран во неработен ден за да му се даде можност на секој работник што сака да присуствува, како и организирање генерален штрајк. 

Барањата за зголемување на платите ССМ ги темели на зголемувањето на животните трошоци и зголемувањето на минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство, кои во јануари, според пресметките на ССМ, се зголемени за речиси илјада денари.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2