Свет
Гаши во Вашингтон на панел-дискусија за регионалната интеграција, истакнато значењето на нашата држава како фактор на стабилност
Значајната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот денеска била нагласена на панел-дискусијата посветена на регионалната економска интеграција во Југоисточна Европа, организирана од престижниот Атлантски совет, на која учествуваше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој е во работна посета на Вашингтон.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на дискусијата биле нагласени и важноста на инфраструктурните проекти и продлабочената соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Учесниците ја потенцирале регионалната интеграција како клучен предуслов за одржлив развој и напредок кон Европската Унија.

Во рамките на посетата Гаши оствари средба и со Макс Приморац, виш истражувачки соработник во Центарот за слобода „Маргарет Тачер“ при Фондацијата „Херитиџ“, на која се разговараше за значењето на силните институции, вредностите на слободата и улогата на трансатлантското партнерство за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
– Отворениот и конструктивен дијалог со нашите американски партнери е од суштинско значење за унапредување на демократските вредности и јакнење на регионалната стабилност – посочи Гаши.
февруари 7, 2026

