Свет
Европратениците по „итна постапка“ поддржаа усвојување на заемот за репарации за Украина
Европскиот парламент денеска го поддржа барањето за забрзување на законодавните процедури за усвојување на Предлог-законот за заемот за репарации за Украина, со кој се предвидува користење на замрзнатите руски средства за покривање на украинските финансиски потреби за 2026 и 2027 година.
Дополнително, со денешната одлука е договорено Европарламентот да се изјасни за усвојување на законскиот предлог на своето следно пленарно заседание што ќе се одржи од 19 до 22 јануари 2026 година.
Предвидено е позицијата на европратениците во однос на предлогот, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола да ми го пренесе на европските лидери на Самитот на ЕУ в четврток, на кој главна тема ќе биде токму заемот за репарации, на чие усвојување се противи Белгија.
Пратениците на денешната седница ги поддржаа и мерките насочени кон зајакнување на одбранбената технолошка и индустриска база на Европа, преку пренасочување на средствата од ЕУ за потребите на одбраната.
Со овие мерки повеќе средства од фондовите на ЕУ ќе бидат пренасочени кон инвестиции поврзани со одбраната преку постојните програми на Унијата, како што се Платформата за стратешки технологии за Европа, Хоризонт Европа, Европскиот фонд за одбрана, програмата Дигитална Европа и Инструментот за поврзување на Европа.
Европратениците со 629 гласа „за“, 17 „против“ и 16 „воздржани“ го усвоија и предлогот на нови правила кои овозможуваат поголема флексибилност и поддршка за земјоделците во почитувањето на одредбите од Заедничката земјоделска политика на ЕУ.
Со измените за малите фарми се предвидува зголемување на финансиска поддршка до 3.000 евра и исплата на дополнителен нов еднократен надомест за развој на бизнисот во износ до 75.000 евра. Покрај ова, се олеснуваат и барањата врз основа на кои една површина би се сметала за обработливо земјиште, како и условите за сертификација на органско земјоделско производство.
Дополнително, европратениците се изјаснија и за одземање на пратеничкиот имунитет на италијанската европратеничка Алесандра Морети од редовите на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), која е осомничен во врска со корупцискиот скандал познат како „Катаргејт“.
Од друга страна, европратениците го одбија барањето за одземање на имунитетот на нејзината сонародничка и сопартијка Елизабета Гвалмини, која исто така е опфатена со истрагата за „Катаргеј“.
Станува збор за истрага што ја води белгиското Јавно обвинителство во врска со наводите дека Катар и Мароко во 2022 година поткупиле претставници на ЕУ со цел да обезбедат влијание во носењето одлуки во Брисел.
декември 17, 2025


