Свет
Захарова: Вадефул се исплаши да се фотографира со Лавров на состанокот во Атланта
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, денеска изјави дека германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул „се исплашил“ да се фотографира со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на состанокот во Атланта, иако, како што наведе, пред еден месец самиот бараше средба со него.
Захарова на Телеграм ги коментираше медиумските наводи дека Вадефул ја одбил заедничката фотографија на состанокот на министрите за надворешни работи на Групата 20 во Атланта, меѓу кои е и шефот на руската дипломатија.
„Како што се вели, Вадефул го исплаши Сергеј Викторович (Сергеј Викторович Лавров) со оголената германска дипломатија. Традиционален ’принципиелен пресврт на Министерството за надворешни работи на Германија за 360 степени‘: пред еден месец Вадефул самиот бараше преговори, позираше пред медиумите, а сега се исплаши од заедничко фотографирање и тоа го претставува како ’став‘“, наведе Захарова.
На состанокот во Атланта предвидено е заедничко сликање на сите учесници. Вадефул првично изјави дека нема да избегнува фотографирање со Лавров, а подоцна, одговарајќи на прашања на германските медиуми, изјави дека нема да има заедничка фотографија.
– Во секој случај, нема да има заедничка фотографија, никакво „семејно фото“, на која нашите европски партнери би се нашле заедно со Лавров – рече тој.
Во Атланта денеска и утре се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Групата 20 под американско претседателство, а руската делегација ја предводи Лавров.
октомври 31, 2026

