Connect with us

Свет

Европарламентот го одобри Буџетот на ЕУ за 2026 година

Европскиот парламент денеска со 419 гласа „за“, 185 „против“ и 53 „воздржани“ го одобри Буџетот на ЕУ за 2026 година, со кој се обезбедува поголема поддршка за истражувања, развој на прекуграничната инфраструктура, контрола на границите, климатски активности и за надворешната политика.

Во Буџетот вкупно 192,8 милијарди евра се предвидени за „обврски“, а 190,1 милијарди евра во „исплати“. „Обврските“ се трошоци за активности што се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, а „исплатите“ опфаќаат расходи за проекти само за тековната година.

Од вкупните средства за „обврски“ за ставката „единствен пазар, иновации и дигитални технологии“ се предвидени 22,163 милијарди евра, за „кохезија, отпорност и вредности“ – 71,65 милијарди, за „природни ресурси и животна средина“ – 56,529 милијарди, за „миграција и управување со границите“ – 5,019 милијарди, за „безбедност и одбрана“ – 2,814 милијарди, за „соседство и светот“ – 15,6 милијарди, за „јавна администрација“ – 13,278 милијарди и за „специјални инструменти“ – 5,716 милијарди евра.

Во делот на „исплатите“ за „единствениот пазар, иновации и дигитални технологии“ се наменети 23,337 милијарди евра, за „кохезија, отпорност и вредности“ – 73,167 милијарди, за „природни ресурси и животна средина“ – 52,577 милијарди, за „миграција и управување со границите“ – 3,888 милијарди, за „безбедност и одбрана“ – 2,253 милијарди, за „соседство и светот“ – 16,57 милијарди, за „јавна администрација“ – 13,278 милијарди и за „специјални инструменти“ – 5,022 милијарди евра.

Вкупните средства за „обврски“ се на ниво од еден отсто од БДП на ЕУ, а „исплатите“ на 0,99 проценти од европскиот БДП.

Денешното одобрување на Буџетот од страна на ЕП, следи откако тој во понеделникот доби „зелено светло“ и од Советот на ЕУ.

На денешната пленарна сесија, меѓу останатото, европратениците ги усвоија и измените на Законот за дефорестација, Извештајот за онлајн заштита на малолетниците, со кој се предлага поставување на минимална возраст од 16 години на ниво на ЕУ за слободен пристап до социјалните мрежи, како и Резолуција за зајакнување на надзорот врз платформите за е-трговија.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2