Connect with us

Општини

Завршниот настан на EU4EG ги претстави успесите и долгорочната одржливост на програмата

ЕУ-финансираната програма ЕУ за економски раст (EU4EG) денеска го одбележа своето официјално затворање со саем на претпријатија кој обедини повеќе од педесет микро, мали и средни претпријатија, стартапи, акцелератори, креатори на политики и партнери.

Од своето започнување, EU4EG поддржа над сто мали и средни претпријатија, стартапи од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот регион, како и од Ресен, овозможувајќи им поддршка да ги подобрат своите процеси, да освојат нови пазари и да усвојат позелени и подигитализирани практики.

Клучните резултати вклучуваат 37 новоформирани компании, 265 нови работни места, многу од нив во економски ранливи региони. Просечно зголемување на перформансите од 30 проценти кај поддржаните компании – значително над целната вредност од 10 проценти. Вкупно 129 нови производи и услуги, кои ја покажуваат силната иновативна енергија на домашниот приватен сектор, 51 нов развиен сервис од бизнис-поддржувачките организации, од кои 18 напредни услуги. Пет акцелератори што успешно спроведоа програми за развој на бизниси. Намалување на времето за развој на бизнис од 8 на 5 месеци преку структуирана поддршка. Над 5,5 милиони евра грантови доделени на МСП, стартапи и услуги за претпријатијата.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши истакна дека проектот „EU for Economic Growth“ (ЕУ за економски раст) е иницијатива што во изминатите години покажала што значи системска поддршка, европски стандарди и визија за развој на локалната економија. Потенцира дека проектот создаде резултати што се вистински промени на терен. Посочи дека во четири региони – Североисточниот, Полошкиот, Југозападниот и Преспанскиот регион – „EU for Economic Growth“ изградила нова основа за претприемништво, иновации и локална конкурентност.

Дурмиши нагласи дека се радува на тоа што преку овој проект не се развива само бизнис, туку се развива целосно нов модел на економија.

-Модел кој ги поттикнува циркуларните процеси, рециклирањето и намалувањето на отпадот. Модел кој го модернизира производството преку енергетски ефикасна опрема и дигитални алатки. Модел кој инвестира во агротехнологии, паметно земјоделство и услуги со висока додадена вредност. Овие практики веќе ги гледаме на терен – бизниси што го штитат Охридското Езеро, компании што развиваат зелени решенија во Преспа, претприемачи што создаваат иновации во Полог и Североисток. Тоа е моделот на економски раст кон кој се стремиме – одржлив, инклузивен и конкурентен на европскиот пазар. Како Министерство за економија и труд силно ја поддржуваме оваа визија. Нашата цел е да го продолжиме започнатото – развој на акцелератори, поддршка за младите иноватори, вклучување на локалните заедници и создавање економски силни региони, а не само силни центри. Европската Унија и Сојузна Република Германија со овој проект дадоа јасен пример како една стратегија може да создаде реални и одржливи резултати, рече тој.

Наша задача, како што потенцира Дурмиши, е да обезбедиме институционален континуитет за оваа инфраструктура да живее и по завршување на проектот.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас нагласи дека резултатите што денес ги видовме покажуваат што се случува кога амбицијата ќе добие вистинска поддршка: нови компании, нови одржливи работни места и силен локален развој.

-Веруваме во потенцијалот на Северна Македонија. Европската Унија останува сигурен партнер во градењето модерна, конкурентна и зелена економија што создава еднакви можности за сите. Како што државата чекори напред, ќе продолжиме да инвестираме таму каде што е најпотребно – во луѓето, во идеите и во регионите што го движат овој напредок. Овие резултати ја потврдуваат посветеноста кон практични, мерливи и долгорочни ефекти за приватниот сектор, поддржувајќи компании во производството, земјоделството, рециклирањето, ИКТ-секторот, прехранбената индустрија, синиот и циркуларниот економски модел, рече Рокас.

 Заменикот амбасадор на Германија, Јан Аксел Вос потенцира дека гледајќи ја економската состојба и можностите во Северна Македонија во 2021 година, германската Влада му доверила на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија да го имплементираат овој проект за економски раст, со поддршка и од ЕУ и од Германија.

-Денес ги сведочиме резултатите, но германската поддршка не завршува тука. Најново, Германија даде мандат за изработка на студија за макроекономската состојба во Северна Македонија и побара експертски препораки за тоа како дополнително да се подобри климата за странски инвестиции. Германија останува ангажирана во регионот, и во Северна Македонија, со желба да види силни демократии и економска благосостојба, рече Вос.

Марк Барет, програмски координатор во Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) нагласи дека Програмата зад себе остава зајакнати институции, поагилен претприемачки екосистем и мрежа на акцелератори и поддржувачки организации што веќе обезбедуваат одржливи услуги и по завршувањето на проектот.

-Како партнер за имплементација на активностите, нашата улога беше да ги преточиме европските приоритети во практични решенија за бизнисите преку техничка и финансиска поддршка — од дигитализација и циркуларна економија, до зајакнување на вредносните синџири и пристапот до пазари. Горди сме на многуте мали и средни претпријатија како и стартапи кои преку оваа поддршка успеаја да иновираат, инвестираат и растат. Тие резултати покажуваат што е возможно кога меѓународната соработка се спојува со силна локална посветеност. GIZ останува целосно посветен на продолжување на ова партнерство и на креирање поконкурентна економија која создава можности за луѓето низ целата земја, рече Барет.

Настанот ги истакна резултатите од повеќегодишната соработка меѓу Европската Унија, Владата на Германија и Северна Македонија, имплементирана од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија, со цел зајакнување на конкурентноста, отпорноста и иновативниот капацитет на приватниот сектор.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4