Connect with us

Вести

Нова иницијатива на УНДП, Алкалоид и Правен факултет: Пилот клиника за запознавање на младите со перспективите за одржлив развој

Во организација на Програмата за развој на Обединетите нации, АД „Алкалоид“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“, е отворена првата Клиника посветена на целите за одржлив развој, со цел да им ја доближи на студентите визијата за одржлив раст и да ги мотивира во нивната идна истражувачка, академска и општествено ангажирана улога.

На отворањето на Клиниката, која се одржува од денеска до 28 ноември на Правниот факултет присуствуваа 30 студенти, кои со помош на претставници од академската заедница, приватниот сектор и меѓународните организации, ќе ги истражуваат врските помеѓу развојните политики, животната средина и климатската акција и подлабоко ќе се запознаат со Агендата 2030, соопшти УНДП.

Пред првите учесници обраќање имаа деканот на Правниот факултет, проф.д-р Сашо Георгиевски, Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и членот на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Оливера Панева кои ја нагласија важноста од создавање ваков вид на практични платформи што ги поврзуваат студентите со реалните развојни предизвици и студии на случај.

„Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој има долга 74 – годишна традиција, го препознава значењето на Целите за одржлив развој, кои се одраз на една смела визија на ООН – преземена обврска за подобра, поздрава, побезбедна и одржлива иднина. Седумнаесетте меѓусебно поврзани и амбициозни цели за одржлив развој на ООН, кои се однесуваат на главните развојни предизвици со кои се соочуваат граѓаните на нашата земја, но и во целиот свет, се дел од нашата образовна мисија. Денешното отворање на Клиниката за одржлив развој ја покажува нашата посветеност и ја потврдува нашата мисија преку постојано осовременување да создаваме вистинско знаење, изјави деканот на Правниот факултет, проф.д-р Сашо Георгиевски.

Оливера Панева, член на УО на „Алкалоид“, истакна дека во турбулентни времиња, одржливиот развој е двигател на модерниот бизнис и клучен предуслов за конкурентност и стабилност на долг рок.

„Основата и главната водилка во имплементирањето на стандардите за одржливи практики на работење во „Алкалоид“ се целите за одржлив развој на Обединетите нации. Затоа, ние во „Алкалоид” континуирано работиме на интеграција на SDG целите и ESG принципите во сите наши процеси, од производство и корпоративно управување, до грижа за вработените и заедницата. Веруваме дека приватниот сектор има значајна улога во создавање позитивни општествени промени и токму затоа нашата посветеност на одговорни и транспарентни практики останува врвен приоритет. Нашата амбиција е многу јасна и едноставна, да градиме компанија која истовремено генерира вредност и придонесува за поодржлива иднина за сите“, рече Панева во обраќањето пред студентите.

За постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан клиниката има основна цел да го приближи концептот на одржлив развој и да ги запознае студентите со идеите и имплементацијата на целите за одржлив развој како и да инспирира акција и учество меѓу младите.

„Во УНДП, искрено веруваме дека еден од најдобрите начини да се приближиме кон остварување на Агендата 2030 е со здружени сили на меѓународните организации, институциите но и академскиот и приватниот сектор, поддржани од младите. Токму тоа спојување на искуства од овие сектори ќе им го понудиме на студентите кои учествуваат на оваа клиника“, потенцираше Григорјан.

Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, исто така кажа пред студентите дека „целите за одржлив развој можат да се постигнат, само со заедничка соработка меѓу јавниот/приватниот сектор и граѓаните, а студентите можат да направат огромен придонес со помагање на промената на свест и начин на однесување на граѓаните во секојдневниот живот.“

По свечениот дел следуваше тематски панел на кој учествуваа проф. Јулија Брсакоска-Базеркоска, Димитар Ристовски од АД „Алкалоид“ и Лазар Поп Иванов од УНДП . Тие говореа за значењето на поставувањето амбициозни цели во рамки на SDG и ESG агендите како двигател на општествениот развој. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1