Свет
Албанезе: Турција ќе биде домаќин на Самитот КОП31
Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе изјави дека е постигнат формален договор Турција да биде домаќин на Самитот за климата КОП31 во 2026 година.
– Постигнат е формален договор за одржување на КОП31 во Анталија, Турција, а Австралија ќе ги промовира интересите на Пацификот со преземање на улогата на претседавач во преговорите и за време на состанокот, истакна Албанезе.
Со тоа е решен долготрајниот застој во преговорите за домаќин на КОП31.
Австралија ќе има „исклучителни ингеренции во преговорите“ и во донесувањето одлуки на Самитот. Регионот на Пацификот ќе биде домаќин на посебна средба пред Конференцијата за климатски промени (КОП) за да „предупреди на егзистенцијалната закана од климатските промени за регионот“.
Регионалниот дипломатски блок од 18 земји, Форум на пацифичките острови, ја поддржа кандидатурата на Австралија. Неколку островски земји од Пацификот се изложени на ризик од зголемувањето на нивото на морето.
Конференцијата на Обединети нации за климатските промени (КОП30) вчера заврши без обврзувачки план за постепено укинување на фосилните горива, при што земјите одобрија само доброволна иницијатива за забрзување на националните напори за климата.
Иако КОП30 беше продолжена за 19 часа, околу 200 земји-учеснички не успеаја да се договорат за обврзувачки план за постепено укинување на фосилните горива. Во завршниот документ нафтата, јагленот и гасот не се експлицитно споменати, освен во терминот „стакленички гасови“.
По две недели разговори во бразилскиот град Белем усвоена е само доброволна иницијатива насочена кон забрзување на националните напори во борбата со климатските промени.
Според германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер, земјите производители на нафта спречиле усвојување на поамбициозна резолуција.
На КОП30 беше потенцирано дека богатите земји мора значително да ја зголемат помошта за посиромашните држави односно тројно да ги зголемат средствата до 2035 година, со цел да им помогнат да се адаптираат на ефектите од глобалното затоплување.
ноември 23, 2025

